Институтот за демократија: Скринингот на ЕУ заврши пред 32 месеци, време е за реформи
Социетас Цивилис бара МЕП и Владата да ги објават сите шест извештаи и да ги претворат препораките во конкретни задачи.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ повикува на итни реформи откако, како што нагласува, скрининг-процесот на ЕУ што започна во 2022 година и заврши во декември 2023 завршил „пред 32 месеци“ и оставил конкретна домашна задача за усогласување со правото на ЕУ.
Скринингот понуди детален дијагностички преглед за степенот на усогласеност на домашното законодавство и практики со стандардите на Европската Унија и достави низа препораки за надминување на забележаните слабости.
„Скринингот не смее да остане архива на една завршена фаза од пристапниот процес. Неговата вистинска вредност е во препораките што треба да ги насочуваат реформите и подготовката за членство. Политичките пречки за отворање на преговарачките кластери не ја спречуваат државата да работи на најголем дел од идентификуваните слабости“, посочува Институтот.
Институтот предлага Министерството за европски прашања да ги направи сите шест извештаи лесно достапни на едно место, заедно со нивните главни наоди и препораки на македонски јазик. Иако Европската комисија ги има објавено извештаите за сите шест кластери, на веб-страницата на Министерството, во делот посветен на скрининг-извештаите, сѐ уште е достапен само извештајот за Кластер 1 „Темели“.
„Потребен е јасен механизам преку кој препораките од скринингот ќе се претворат во конкретни задачи. Владата периодично да известува за спроведувањето на препораките. Понатаму, препораките од скринингот треба системски да се поврзат со Реформската агенда 2024–2027, Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и препораките од годишните извештаи на Европската комисија“, велат од Институтот.
Потребно е целосно операционализирање на преговарачката структура
Институтот нагласува дека паралелно со реформите, треба целосно да се оперативизира преговарачката архитектура, така што работните групи и тела по кластери ќе почнат да подготвуваат позиции и да работат на спроведување на препораките, дури и ако политичките услови за отворање на кластерите сеуште не се остварени.
„Ако Владата во 2024 година воспостави нова институционална рамка за водење на пристапните преговори, јавноста сè уште нема јасна слика дали и во која мера преговарачките тела и работните групи по кластери и поглавја се целосно екипирани и функционални. МЕП треба да обезбеди транспарентни информации за тоа кои тела и работни групи се формирани, нивниот состав и задачите што ги извршуваат. Овие структури не треба да чекаат да се создадат политички услови за отворање на кластерите. Тие треба да работат сега. Да ги анализираат наодите од скринингот, да ги следат промените во правото на ЕУ, да ги идентификуваат областите во кои ќе бидат потребни значителни финансиски и институционални приспособувања или преодни периоди и да ги подготвуваат идните преговарачки позиции“, нагласува „Социетас цивилис“.
Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески


