Почетна
Македонија

Итна помош повикана пред филијалата на Алта банка во Битола: Граѓани со денови чекаат да се отворат шалтерите

Исплатата почна откако Народната банка воведе времено управување; повозрасни и непоканети клиенти протестираат пред шалтерите.

·Македонија
Итна помош повикана пред филијалата на Алта банка во Битола: Граѓани со денови чекаат да се отворат шалтерите

Итната медицинска помош неколкупати интервенираше утрово пред филијалата на Алта банка во Битола, откако дел од граѓаните кои чекаа во редиците почувствуваа здравствени проблеми. Исплатата на готовина на шалтерите почна денеска, откако Народната банка го презеде времено управување со банката.

Во банката влегуваат само клиентите кои добиле СМС‑порака со термин за исплата и кои немаат платежна картичка; тие можат да подигнат најмногу 20 илјади денари во период од две недели. И покрај тоа, пред филијалата се собраа и граѓани кои не добиле покана — меѓу нив и повозрасни лица кои не користат мобилни телефони и клиенти кои бараат документи за отворање сметка во друга банка.

„За наши пари паѓаат луѓето, тука им се слоши“, велат граѓани.

Еден од оние кои успеал да подигне пари кажа: „Подигнав 20 илјади денари. Вчера добив порака.“ Други реагираа против системот базиран на СМС‑покани: „Порака требало! Старите луѓе, над 90 години, дали знаат да прочитаат порака? Некои немаат ниту телефон. Мене не ми треба порака, туку да ми дадат одјава за да заминам во друга банка и да не ме малтретираат вака“, реагираа битолчани.

Опозиција бара вонредна седница, градоначалникот објави салда

Случајот се пренесе и во локалната самоуправа. Опозицијата побара вонредна седница на Советот за градоначалникот Тони Коњановски да информира кои јавни претпријатија имаат сметки во Алта банка, колку средства имаат и кои чекори ќе преземе општината; досега, велат од опозицијата, нема одговор.

„Имаме игнорантски однос и од градоначалникот и од претседателот на Советот, затоа што не закажа седница. Со тоа покажуваат дека не им е грижа за граѓаните и за тоа што ќе се случува со јавните претпријатија, бидејќи сметките им се блокирани“, изјави Миле Трајковски, советник од „Поинаку“.

Градоначалникот Тони Коњановски го оцени барањето за вонредна седница како популистичко и на социјалните мрежи ги објави салдата на петте јавни претпријатија кои имаат сметки во Алта банка; салдото на сите е приближно 144 илјади евра. Тој напиша: „Општина Битола како основач на јавните претпријатија ги следи насоките и информациите од Народната банка на Македонија. Тоа што дел од претпријатијата имаат сметка во Алта банка никако не значи дека е загрозена нивната функционалност. Верувам дека многу скоро целиот случај ќе има завршница.“ Коњановски најави дека состојбата ќе биде разгледана и на седница на локалниот економско‑социјален совет, каде ќе се разгледаат можните мерки за заштита на интересите на граѓаните.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи