Изложбата „Светлина на традицијата“ на Калина Игновска се отвора во Скопје
Самостојна изложба во Скопје што ги презентира вез, плетка и ткаење преку светлина и современ пристап.

Самостојната изложба „Светлина на традицијата“ на Калина Игновска ќе биде отворена на 15 септември во 20 часот во галеријата на КСП „Центар-Јадро“ во Скопје и ќе остане отворена до 21 септември.
Приказна за рацете и знаењето што се пренесува
Во фокусот на изложбата е женското создавање — дланките, трпението, умешноста и тивката сила со која генерации ја создавале и чувале нашата материјална култура. Игновска ги поврзува традиционалните техники (вез, плетка, ткаење) со современиот уметнички израз и со осветлување што ги претвора предметите во инсталации.
Во изложбата не се прикажани само техники и украси: во ракотворбите се зачувани времето, грижата, спомените и секојдневните моменти на жените што ги создавале. Она што некогаш било дел од домашниот простор сега добива јавно, визуелно ткиво.
Дел од ракотворбите користени во поставката се дело на актерката Нада Гешоска. Нивните присуство овде открива поинаква, интимна страна на нејзиното творештво и ги вклучува во приказната за жената која создава — на сцена, во уметност или во тишината на домот.
„Светлината овде не е само дел од предметот. Таа е начин да се направи видливо она што долго време постоело тивко – трудот, креативноста и приказните на жените пред нас. Светлина што не го осветлува само предметот, туку и жената зад него.“
Калина Игновска (1982, Скопје) е графичка дизајнерка и сценографка. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за графички дизајн. Од 2006 година работи како сценограф и графички дизајнер на рекламни и музички спотови, филмови и серии, меѓу кои Времето на кометата, Стела, Мими, Убиј ги прво децата, Преспав и Куќен притвор. Од 2018 година е косопственичка и дизајнерка во Инфинити арт и дизајн студио, а од 2019 година учествува во организацијата на фестивалот Литера.
Фото: прес-материјал од настанот


