Измените на Законот за јавни набавки поминаа на Комисијата за финансирање и буџет
Комисијата ги прифати измените кои ги зголемуваат праговите, воведуваат годишни лимити и ја зајакнуваат дигиталната контрола.

Предлог-измените на Законот за јавни набавки денеска поминаа на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, по образложение од заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
Што се менува во праговите
Во предлогот се предлагаат корекции на вредносните прагови кои не поминале промена од 2019 година. Во класичниот сектор прагот за стоки и услуги се зголемува од 1.000 на 2.000 евра, а за работи од 5.000 на 10.000 евра. Кај секторските договорни органи прагот за стоки и услуги се зголемува од 2.000 на 4.000 евра, а за работи од 10.000 на 20.000 евра.
Исто така, предвиден е и годишен лимит за набавките под овие прагови: 25 илјади евра за класичниот јавен сектор и 50.000 евра за секториските договорни органи.
Договорните органи ќе може поедноставно да набавуваат стандардизирани стоки и услуги од електронските каталози на Бирото за јавни набавки без дополнителна тендерска документација во случаите утврдени со закон. Новина е и обврската секој договорен орган да донесе интерен акт за јавните набавки.
Со измените се зацврстуваат и надлежностите на Бирото за јавни набавки: Бирото ќе развива веб сервиси, дигитални алатки и решенија засновани на ВИ за автоматизирано следење и откривање на ризици во процесите на јавни набавки.
Предвидени се и измени во делот на надоместоците за жалба, со цел да се заштити ефективната правна заштита на учесниците во постапките за јавни набавки.
Јанкуловски рече: "Целта е да се намали административниот товар кај набавките со мала вредност без притоа да се нарушат начелата на транспретност и одговорност при користење на јавните средства."
Фото: прес-материјал од настанот


