Почетна
Македонија

Извештајот „Каква ти е среќата“: Системот да премине од „евидентирам“ на „реагирам“

Тестимониите од жени жртви и петгодишниот проект ги повикуваат институциите на координиран, долгорочен одговор за искоренување на родовото насилство.

·Македонија
Извештајот „Каква ти е среќата“: Системот да премине од „евидентирам“ на „реагирам“

Во извештајот со наслов „Каква ти е среќата“ се собраа сведоштва на жени жртви на семејно насилство; документот е дел од проектот „Заштита и превенција од родово базирано насилство во Северна Македонија“ (2021–2026), спроведен од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) со финансиска поддршка од британската амбасада во Скопје.

Учесниците побараа системска промена: од евидентирање кон координиран одговор

Стојанка Мирчева, професорка на Факултетот за безбедност, појасни дека симболичниот наслов на извештајот произлегува од наодите собрани во истражувањето и ја опишува реалноста со која се соочуваат жените при барање заштита.

– Извештајот се вика „Каква ти е среќата“. Токму тоа е реалноста на многу жени во Македонија во барањето поддршка и заштита од професионалците во институциите – додаде Мирчева.

Таа нагласи дека искуствата собрани во извештајот укажуваат на рамнодушност на системот и повика на промена во практиката: системот мора да премине од фаза на „евидентирам“ во фаза на „реагирам“, при што реакцијата треба да биде координирана меѓу институциите. – Овие искуства се претставени за да допрат до институциите, за да ја сменат реалноста на многу жени што живеат со насилство и бараат заштита и поддршка токму од институциите да бидат заштитени – рече Мирчева.

Како пример за важноста на брзата и видлива реакција, Мирчева го нагласи и значењето на настапот на полицијата во конкретни случаи, наведувајќи дека во дневните билтени на МВР често се прикажува начинот на реагирање на пријавите. – Кога ќе ги соочиме насилниците со реакцијата на државата и на општеството, ефикасна реакција… Ја спротивставуваме моќта на државата и нетолеранцијата кон моќта што ја манифестира насилникот кон одредена жена – децидна беше Мирчева.

Даниел Фајлер, британски заменик-амбасадор, подвлече дека во изминатите пет години британската амбасада тесно соработувала со УНФПА и со институциите за зајакнување на системите за превенција и реакција. „Заеднички придонесовме за подобра координација меѓу институциите, зајакнување на професионалните практики и поголема одговорност затоа што за вистинска и трајна промена не е доволна само законската рамка“, рече Фајлер.

Јованка Брајовиќ-Григоријевиќ, вршителка на должноста шефица на канцеларијата на УНФПА во земјата, оцени дека проектот е исклучително важен и комплексен и дека преку спроведувањето на Законот за превенција, спречување и заштита од семејното насилство ги доближувале европските принципи од Истанбулската конвенција до домашните чинители. „Денес, по пет години партнерство, стојам гордо, во името на Фондот за население на Обединетите нации, заедно со нашите партнери да покажеме дел од колективниот прогрес направен досега. Работата не застанува тука, па затоа ќе се осврнеме и на следните чекори што ќе нѐ водат кон ставање крај на родово базираното насилство“, рече таа.

Светлана Цветковска, раководителка на Секторот за еднакви можности при Министерството, посочи дека справувањето со родово базираното и семејното насилство е еден од највисоките приоритети, но и оти брзи и лесни решенија не постојат. „Насилството врз жените претставува најраспространето кршење на човековите права… Наша заедничка обврска е континуирано да ја подигнуваме свеста за препознавање на сите облици на насилство и за навремено постапување со должно внимание“, нагласи Цветковска, додавајќи дека во изминатиот период биле вложени напори за јакнење на капацитетите на професионалците, проширување на мрежата на специјализирани услуги и за континуирани комуникациски кампањи за подигање јавна свест.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи