Почетна
Политика

Јаневска очекува нов модел за субвенционираниот студентски оброк од 1 октомври 2027

Министерката вели дека предлогот предвидува повисока субвенција и 20% попуст, а усогласувањето со инфлацијата ќе почека одлука на судот.

·Политика
Јаневска очекува нов модел за субвенционираниот студентски оброк од 1 октомври 2027

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека нов модел за субвенционираниот студентски оброк може да почне да се применува од 1 октомври 2027 година, ако тоа го прифатат студентските собранија. Дотогаш студентите ќе продолжат да добиваат по 140 денари, а дали ќе има зголемување порано во текот на академската година, не е прецизирано.

Повисока субвенција и 20% попуст кај избрани оператори

Според предлогот кој го разработува Владата, студентите ќе добијат повисока субвенција, а кај избраните трговци ќе има и попуст од 20 отсто кој ќе важи и кога студентите плаќаат со свои пари. Јаневска не го наведе конкретниот нов износ, но истакна дека попустот ќе важи и за средствата од субвенцијата и за личните средства кои студентите ќе ги трошат во тој оператор.

„Тие ќе добијат покачување на 140-те денари, но поважно е што ќе добијат попуст од 20% на парите кои тие ги користат како субвенција во операторот кој ќе биде избран – продавница, бурекџилница, што и да е – и плус 20% попуст на своите пари што ќе ги трошат да купуваат во тој оператор откако ќе го потрошат студентскиот оброк“, рече Јаневска.

Министерката најави средба со новиот претседател на Студентското собрание на УКИМ, а потоа и со претседателите на студентските собранија на сите универзитети за да ги чуе нивните ставови. На прашањето дали студентите ќе мора да чекаат десет месеци за повисок износ, таа рече дека тоа ќе зависи и од нивниот став, а во меѓувреме „140 денари секако ќе добиваат“.

Во врска со усогласувањето со инфлацијата, Јаневска нагласи дека Министерството ќе постапи според одлуката на судот. Законот за субвенционираниот студентски оброк, како што посочи, предвидува усогласување по стапката на инфлацијата по секоја фискална година, но во текстот не е јасно чија обврска е да го направи тоа.

„МОН не може да носи управен акт оти законот не му дава такво право. И има две тужби. Ќе почекаме да видиме што ќе одлучи судот, веројатно ќе стигне и третата. Како ќе одлучи судот ние така ќе постапиме, тука нема дилема“, рече таа.

Според пресметката што ја изнесе Јаневска, со усогласување со инфлацијата за изминатите три и пол години износот од 140 денари би се зголемил на 161 денар. Со предлог-буџетот за 2027 година се предвидени дополнителни два милиона евра за студентски стандард, кои, како што објасни министерката, се планирани за повеќе наменски цели, но дел може да се искористи и за оброкот ако се постигне поинакво решение.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи