Почетна
Македонија

Јаневска: Утврдивме неправилности кај исхраната на учениците, ќе доставиме препораки до училиштата

Весна Јаневска најави препораки за исхрана до сите училишта по истражување спроведено со УНИЦЕФ и невладини организации.

·Македонија
Јаневска: Утврдивме неправилности кај исхраната на учениците, ќе доставиме препораки до училиштата

Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека во рамки на истражување на Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и неколку невладини организации се утврдени неправилности во исхраната на учениците и оти наскоро ресорното министерство ќе достави препораки до сите училишта во земјата.

„Јас разбирам дека дечињата повеќе можеби сакаат чипсови, смоки, бисквити, но еве им препорачувам дека една круша, едно јаболко, една банана се подеднакво здрава исхрана, но за тоа ќе треба да водат сметка и училиштата и општината за да им овозможат такво нешто“, рече Јаневска за време на посета на реконструираните училишни сали во Штип и во Карбинци.

Министерката посочи дека на основата на утврдените неправилности ќе произлезат практични насоки кои треба да им помогнат на училиштата да ја унапредат исхраната на учениците.

При отворањето на обновената спортска сала во ОУ „Димитар Влахов“ во Штип — првото училиште во Општината што донело одлука за забрана за мобилни телефони — Јаневска истакна дека многу училишта во земјата веќе имаат воведено мерки за ограничување на користењето телефони.

„Во многу училишта пред час телефоните се ставаат настрана и тоа сметам дека е во ред, затоа што вниманието на децата треба да биде посветено на учењето, на наставникот, на книгата пред нив. Може да има исклучок, каде што децата ќе треба да ги употребат телефоните за да сработат некоја наставна тема. Но, тоа треба да биде строго контролирано од наставникот и после тоа тие да ги вратат таму каде што нема да им бидат достапни“, додаде Јаневска.

Директорот на ООУ „Димитар Влахов“ Штип, Дејан Здравков, изјави дека ефектите од забраната за користење телефони и од забраната за консумирање нездрава храна се многу позитивни. „Добиваме повратни информации и од родителите, и од наставниците, и од самите деца. Подобрена е комуникацијата, физичката комуникација. Не одат веќе со наведени глави по ходниците и по училишниот двор. Тоа беше договорено во согласност на Советот на родители“, рече Здравков.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи