Почетна
Политика

Јаневска: Заедничка е одговорноста да им обезбедиме среќно детство и перспективна иднина на сите наши деца

На настанот „Ѕвониме за децата“ Јаневска ја нагласи улогата на државата, училиштата и заедницата во обезбедувањето перспективи за децата.

·Политика
Јаневска: Заедничка е одговорноста да им обезбедиме среќно детство и перспективна иднина на сите наши деца

Министерката за образование и наука Весна Јаневска повика институциите, компаниите и целото општество да ја споделат одговорноста за обезбедување среќно детство и перспектива за секое дете, на настанот по повод Светскиот ден на детето и почетокот на одбележувањето на 80-годишнината од УНИЦЕФ. Настанот „Ѕвониме за децата“ беше организиран од УНИЦЕФ и Македонската берза.

Јаневска ја истакна моралната обврска на возрасните кон сегашните генерации на деца. „Имаме заедничка привилегија да бидеме возрасните во детствата на денешните деца. Тоа ја прави нашата одговорност уште поголема. Секое дете заслужува можност да го развие својот полн потенцијал, да расте со љубопитност наместо со страв и да учи во средина што го охрабрува да прашува, да истражува и да верува во сопствените способности“, посочи министерката.

Повеќе време за учење и развој

Министерството за образование и наука постојано вложува во подобрување на основното образование, како преку унапредување на училишната инфраструктура, така и преку создавање поквалитетно и побогато училишно искуство за учениците.

„Со воведувањето на едносменската настава и проширувањето на продолжениот престој во училиштата, на децата им обезбедуваме повеќе време за учење, дружење, спорт, креативност и развивање на нивните интереси. Училиштето не е само место каде што децата стекнуваат знаење. Тоа е место каде што ги градиме како личности“, нагласи Јаневска.

Таа посочи дека наставниците имаат посебна улога: освен да пренесуваат знаења, треба да ги слушаат учениците, да ги разбираат нивните потреби и да ги поттикнуваат да размислуваат самостојно. „Секое дете заслужува да има училиште кое е отворено за него. Ова лесно се кажува, но има многу предизвици во реализацијата. Сепак, истрајни сме во напорите да обезбедиме поквалитетна инклузија, повеќе запишани и помалку осипани ученици“, укажа Јаневска.

Во завршните забелешки, Јаневска нагласи дека ниедна институција не може самиотa да обезбеди добробит за децата: „Образованието не може без семејството, а на семејството му е потребна поддршка од пошироката заедница. Грижата за децата што ја има едно општество, покажува колку тоа општество е зрело како целина, колку е дораснато да мисли долгорочно за подобра иднина на сите. Затоа ја поддржувам иницијативата ‘Ѕвониме за децата’, која испраќа важна порака дека правата и потребите на децата треба да бидат дел од секоја општествена одлука, вклучително и на деловните и инвестициските одлуки“, заклучи Јаневска.

Овогодинешната објава на УНИЦЕФ е под глобалниот повик „Да избереме иднина за децата“, со фокус на вложувањето во најраните години и на проширување на еднаков пристап до квалитетно рано учење, образование и грижа за секое дете.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи