Јаневска во Јапонија: Се разгледува можност за отворање центри за извонредност во Македонија
Министерката Јаневска се сретна со јапонски официјални лица и универзитетски претставници за да разгледа поддршка и партнерства за Македонија.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска е во официјална посета на Јапонија, каде што имаше средби со високи претставници од образовниот, научниот и државниот сектор со цел продлабочување на двостраната соработка. Како една од разгледуваните теми беше и можноста Јапонија да поддржи отворање центри за извонредност во Македонија.
На средбата со јапонскиот министер за образование, култура, спорт, наука и технологија, Јошихиро Секи, разменети се искуства за функционирањето на образовните системи и мерките за поттикнување на научно-истражувачката дејност. Јаневска им изразила благодарност за досегашната јапонска поддршка, особено за стипендиите за македонските студенти и помошта во техничката модернизација и опремувањето на училиштата.
Министерката се сретна и со генералната директорка на Националниот институт за образовни политики на Јапонија, Мизуе Шиоми, каде што разговараа за унапредување на квалитетот на наставата, развивање на креативното и критичкото размислување кај учениците и подготовките за меѓународното ПИСА тестирање на кое Јапонија традиционално постигнува високи резултати.
Нови партнерства и институционални врски
Агендата на Јаневска опфати и средба со парламентарната заменик-министерка за надворешни работи, Икуина Акико. Таа најавила дека Јапонската организација за надворешна трговија (JETRO) и Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) ќе продолжат да работат на пронаоѓање нови можности за соработка.
Министерката го посети и Универзитетот во Токио, каде што со претседателот на универзитетот, професорот Теруо Фуџи, разговарала за воспоставување и продлабочување на соработката со македонските универзитети. Меѓу разгледаните можности се заедничко учество во програмата „Хоризонт Европа“, размена на професори и студенти и создавање нови академски партнерства.
Во рамки на посетата беа одржани и средби во македонската амбасада во Токио, каде што Јаневска и вршителката на должност амбасадор, Кристина Стојчевска, разговараа со поранешниот јапонски амбасадор во Македонија, Казуја Оцука, како и со македонски студенти и јапонски средношколци кои го изучуваат македонскиот јазик.
Фото: прес-материјал од настанот


