Јошевска: „Загрижувачки преседан“ откако Уставниот суд пријави судија за непочитување на одлука
Членката на Судскиот совет Сузана Јошевска Анастасовска го оцени известувањето како „воспоставување на потенцијално загрижувачки преседан“ откако Уставниот суд пријави судија за наводно непочитување на одлука поврзана со упадот во Собранието на 27-ми април.

Судскиот совет го чека известувањето од Уставниот суд дека судија од Основен суд во Скопје, наводно, не ја почитувал одлуката на Уставниот суд во предмет поврзан со прекршување на слободата на изразување за време на упадот во Собранието на 27-ми април, пред десет години.
Известувањето се однесува на постапување на граѓански судија кој, според Уставниот суд, како нов доказ го отфрлил материјалот поврзан со постапката за загрозување и нарушување на слободата на изразување на новинарка при настаните од 27-ми април.
Меѓу првите реакции беше изјавата на членката на Судскиот совет Сузана Јошевска Анастасовска, која ја оцени постапката како „воспоставување на потенцијално загрижувачки преседан“ и предупреди на можен институционален притисок врз судството.
ФБ статус на Сузана Јошевска Анастасовска, член на Судскиот совет
"Испраќањето одлука на Уставниот суд до Судскиот совет 'за понатамошно постапување', во која толкување на процесен закон од страна на редовен судија, во сè уште незавршена постапка, се квалификува како 'неизвршување на одлука на Уставен суд', со имплицирање на кривична одговорност, според мое лично мислење, отвора сериозни прашања за границите меѓу уставната контрола и судската независност. Би рекла дека допира и прашања на можен институционален притисок."
Јошевска не одговори на повиците, а претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски не беше достапен за дополнителни коментари. Уставниот суд, покрај Судскиот совет, за непочитувањето на одлуката го извести и Јавното обвинителство.
Уставниот суд, за првпат, ја искористи надлежноста да ја следи извршливоста на сопствените одлуки и да извести надлежните институции и истражните органи. "Врз основа на претходно добиени податоци и известувања, Уставниот суд може да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на Судот," стои во член 91 од Актот на Уставниот суд.
Од друга страна, судиите уживаат уставен и законски имунитет. Член 65 од Законот за судовите гласи: "(1) Судиите во вршењето на судиската функција уживаат имунитет. (2) Судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судската одлука." Судскиот совет и Обвинителството сега стојат на раскрсница меѓу примената на одлуките што ја штитат слободата на изразување и заштитата на независноста на судиите кои, како што наведуваат, се повикале на закон во одбивањето да ги прифатат доказите во незавршена постапка.
Миомир Серафиновиќ
Фото: прес-материјал од настанот