Почетна
Македонија

Се копа песок од коритото на Вардар, риболовците бараат итна реакција

Риболовец‑Вардар тврди дека два багера и три камиони ваделе песок од коритото; полицијата ги обезбеди машините, Обвинителството прибира докази.

·Македонија
Се копа песок од коритото на Вардар, риболовците бараат итна реакција

Риболовниот клуб Риболовец‑Вардар алармира дека со тешка градежна механизација се извршуваат ископи на песок во самото корито на реката Вардар, што, како што велат, предизвикува голема штета по животната средина и по рибниот фонд. Клубот, кој ја има концесијата за рекреативен риболов и обврската за стопанисување и заштита на рибите, побара итна реакција од надлежните институции.

– Нелегалниот ископ се вршеше со градежна механизација 2 багери и 3 камиони од за нас досега непозната фирма. Она за кое ценам и сметам дека постои сериозна потреба од проценка на нивната законитост, односно дали истите се вршени со соодветни дозволи и со соодветна согласност од надлежните институции, вели Божидар Гроздановски, претставник на Риболовец-Вардар.

Полицијата пронајде машини, Обвинителството нареди собирање докази

Претставниците на клубот велат дека, освен пријавата до полицијата, доставиле и доказен материјал. СВР Тетово појасни дека по пријавата постапиле службеници од одделението во Групчин.

Од полициското соопштение произлегува дека на 03.11.2026 година во 16:40 часот, овластениот контролор на реката Вардар, Б.Г., пријавил дека во село Сиричино, спроти касарната „Еребино“, забележал непознато лице кое со багер товарело песок на земјениот пат што води кон реката. На лице место биле пронајдени два багери без регистарски ознаки, од кои на едниот имало напис од фирма од Желино. При прегледот на локацијата не биле затекнати лица. Машините биле соодветно обезбедени од страна на полициски службеници, соопштуваат од СВР Тетово.

Полицијата ја известила јавноста и јавниот обвинител за случајот. Од Основното јавно обвинителство Тетово соопштиле дека се издадени наредби за прибирање докази и документација со цел утврдување на фактичката состојба.

Во кривичниот законик, членот 225‑а за Незаконита експлоатација на минерални суровини предвидува дека оној што без дозвола или согласност извади песок од коритата или бреговите на површинските водни тела може да биде казнет со парична казна или со затвор до три години. Ако сторителот се стекне со значителна имотна корист или предизвика значителна штета, казната е затвор од една до десет години.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи