Почетна
Македонија

Каде завршуваат парите од надоместокот за биоразградливи кеси?

Министерството вели дека собрало 2,37 милиони евра и ги потрошило главно за канти, контејнери и кампања, но не откри детали за трошокот на кампањата.

·Македонија
Каде завршуваат парите од надоместокот за биоразградливи кеси?

Државата за 4 и пол години собрала скоро 2,4 милиони евра од надоместокот за користење биоразградливи кеси за пазарење, а парите, според Министерството за животна средина, биле насочени кон купување канти и контејнери и кон спроведување национална едукативна кампања.

Од Министерството за животна средина велат дека „од воведувањето на законот со кој што за употреба на пластични кеси се плаќа соодветен надоместок, заклучно со 10 јули собрани се 2,37 милиони евра“. Како што посочуваат од ресорот, парите биле искористени за набавка на опрема за селектирање отпад и за јавна кампања за зголемување на свеста.

Во деталите што ги достави министерството се наведени 30.018 канти од 120 литри по единечна цена од 1.427 денари без пресметан данок на додадена вредност и 3.016 контејнери од 1.100 литри по единечна цена од 12.027 денари. Со вклучен ДДВ, според бројките, за овие сини и жолти садови за селектиран отпад се потрошиле вкупно над 1,5 милиони евра.

Министерството додава дека канти и контејнери во сина и жолта боја веќе биле поделени на сите општини во земјата во текот на 2023 година. Останатите средства, како што се наведува, биле искористени за реализација на национална јавна кампања под наслов „Позитивна промена“, која се спроведувала во 2024 и 2025 година со цел подигнување на свеста за селектирање и правилно депонирање на отпадот.

Сепак, министерството не одговори конкретно колку точно чинела кампањата и која агенција го добила тендерот за нејзина изработка и спроведување. Од друга страна, скопјани со години реагираат на незадоволително ниво на хигиена во јавниот простор.

Хотелиерско‑туристичката комора алармира дека нечистотијата во главниот град и во големите туристички центри веќе ги одвраќа странските туристи и апелира до локалните власти да си ги извршуваат своите надлежности. Законот, кој стапи во сила на 1 декември 2021 година, целосно ја забрани употребата на пластични кеси за една употреба во маркетите и продавниците; надоместокот за биоразградливите кеси изнесува 15 денари и мора да се евидентира посебно и да се уплати на посебна сметка на Министерството за животна средина.

Мирјана Јовеска

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи