Капетанијата најавува засилени контроли по инцидент и протест во Лагадин
Инцидент со СУП доска и протест на Лагадин ги потенцираа проблемите со прекршувања и урбанизација на крајбрежјето.

Бротче удри во СУП даска близу до брегот на плажата Лагадин во саботата, при што двајца капачи беа исфрлени во водата, повторно отворајќи ја дискусијата за безбедноста на Охридското Езеро во врвот на туристичката сезона. Капетанијата на пристаништата и полицијата ја евидентираа случката и ги испитуваа повредените и сведоците на плажата, но до сега не објавија официјален извештај.
Жителите на викенд-населбата Лагадин, поддржани од еколошки активисти, пред два дена организираа протест. Со СУП даски направија водена блокада и побараа почитување на правилата за пловидба и поостри контроли на пловните објекти што се приближуваат до зоните за капење; потоа протестот беше префрлен на копното.
Половина час наизменично го блокираа регионалниот пат кон Свети Наум и удираа на штитниците на патот, предупредувајќи дека неконтролирана урбанизација го загрозува сообраќајот и движењето на пешаците покрај крајбрежјето.
Демонстрантите носеа транспаренти со пораки: "УНЕСКО, имаме проблем", "Бетонот – смрт за туризмот", "Урбанизација без канализација" и "Закон за внатрешна пловидба, член 13", со што упатија внимание на низа притисоци врз охридското крајбрежје. Покрај урбанизацијата, акцентот беше ставен и на безбедноста на капачите и непочитувањето на прописите од страна на дел од сопствениците и управувачите на пловни објекти.
Надлежните изјавуваат дека во текот на сезоната се спроведуваат засилени контроли. При една од последните заеднички контроли, Полициската станица за граничен надзор "Охридско Езеро", Регионалниот центар за гранични работи Запад и инспекторите од Капетанијата на пристаништата во Охрид констатираа 52 прекршоци. Деветмина од контролирани управувале пловни објекти под дејство на алкохол.
Правила и казни
Најчесто регистрираните прекршоци се: пловење со истечена пловидбена дозвола, управување без уверение за управување со чамец, неносење појас за спасување, претовар на пловните објекти, глисирање во близина на брегот и пловење ноќе без соодветно осветлување. Глисерите и водените скутери смеат да глисираат дури откако ќе ја напуштат зоната од 300 метри од брегот; до тогаш мора да се движат со мала брзина. За непочитување на правилото е предвидена казна од 250 евра, а при повторени прекршоци може да следува и одземање на скутерот.
Правила важат и за педалинки, СУП даски и други рекреативни средства: издавачите не смеат да ги даваат педалинките на малолетни лица без надзор, на една педалинка не смеат да има повеќе од четири лица, задолжителни се елеци за спасување и тие не смеат да се оддалечуваат повеќе од 300 метри од брегот. Во пракса често се забележуваат преоптоварени педалинки и нивно одалечување без доволно искуство и опрема.
Одговорност носат и концесионерите на плажите: секој концесионер треба да обезбеди најмалку еден спасувач и да ги почитува безбедносните стандарди за користење на рекреативните содржини. Во моментот на 11 капалишта се ангажирани 13 спасители.
За дополнително намалување на ризикот, Министерството за транспорт на 2 јуни донесе одлука со која се забранува возење скутери на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро од 1 јули до 31 август, од 11 до 19 часот. Одлуката исто така ги ограничува ноќните пловидби: од 3 јуни до 31 август забраната важи од 21 до 5 часот; од 1 септември од 20 до 6 часот; а од 1 до 31 октомври од 19 до 6 часот.
Капетанијата посочува дека контролите и казните не се доволни сами по себе за да ја обезбедат безбедноста на водата и апелира на лична одговорност и доследно почитување на правилата од сите што се движат по езерото.
С. Вренцовска
Фото: СДК.МК)