Почетна
Македонија

Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смртност, Клековски предлага мерења во аптеки

ИЈЗ организираше бесплатни прегледи, директорката Андоновска ја посочи бројката од 6 888 смртни случаи минатата година, а министерот Клековски предложи поедноставени контроли.

·Македонија
Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смртност, Клековски предлага мерења во аптеки

Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смртност во земјата: минатата година 6 888 лица починале од болести на кардиоваскуларниот систем, а тие учествуваат со 34 проценти од вкупниот морталитет, рече директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, на денешното одбележување на Светскиот ден на срцето.

Институтот организираше бесплатни превентивни прегледи со цел подигнување на свеста за ризик-факторите и навременото откривање на болестите на срцето, при што граѓаните можеа да направат основни мерења и да добијат совети.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, кој го посети пунктот за прегледи, предупреди дека Македонија и регионот бележат двојно поголема предвремена смртност кај населението од 30 до 70 години во споредба со остатокот од Европа.

Предлози за поедноставени и поо достапни контроли

Клековски истакна дека многу срцеви заболувања можат да се превенираат или да се откријат рано со едноставни мерки и ги повика граѓаните редовно да го мерат крвниот притисок и тежината. „Сите овие работи може да се превенираат и рано откријат со едноставни работи. На пример мерењето притисок, тоа е едноставна работа, само треба да ја практикуваме, бидејќи високиот крвен притисок е еден од најтивките убијци, условно да кажам, кој влијае и на срцевото здравје, и на бубрежното здравје, и на мозочното здравје. Заедно со нерегулираниот дијабет стануваат главни контрибутори во срцеви, мозочни и бубрежни заболувања,“ рече Клековски.

Тој посочи дека во измената на Законот за медицински евиденции ќе се бара резултатите од систематските прегледи да бидат интегрирани во досието на секој пациент за да не се губат. „Ќе видиме дали на нив можеме да додадеме евтини, пристапни процедури кои може да помогнат во раното откривање на одредени состојби, и не само на кардиоваскуларни, туку и на други состојби, бидејќи најголемиот трошок со систематскиот е самото одење на доктор. Тогаш да видиме дали можеме нешто повеќе да направиме,“ додаде министерот. Тој предупреди и дека системот создаден за вработување повеќе доктори и медицински сестри веќе не е одржлив и дека треба да се разгледаат сите расположливи здравствени капацитети, вклучително и фармацевтите: „Во основа, еден систем кој беше заснован за да вработиме повеќе доктори и медицински сестри веќе не е одржлив бидејќи ниту едното, а посебно медицински сестри ќе нема. Значи, тогаш треба да видеме што сѐ е достапно како здравствени капацитети и да го ослободиме за употреба. Јас сум го говорел и во други прилики: ако има доктор – доктор, ако има сестра – сестра, ако има фармацевт – фармацевт. Значи има законска можност, треба да се регулираат условите и стандардите на тоа правење. ​И ова не е ништо страшно, бидејќи дел од овие тестирања се и самотестирања.“

Во однос на интересот на граѓаните за контроли, министерот призна дека треба повеќе да се работи на свеста. „Мора да си ги вреднуваме животите повеќе, бидејќи самите ако не си ги вреднуваме, не можеме да очекуваме некој друг да ги вреднува. Значи мора да говориме за тоа, мора да најдеме некој модел да ги менаџираме главните ризици: стрес, исхрана, алкохол, цигари… Така што мора да говориме многу повеќе на овие теми,“ рече Клековски. Тој додаде дека за мерките во аптеки ќе треба да се дефинираат стандарди и услови за нивно изведување од обучен медицински кадар или фармацевти.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи