Почетна
Македонија

Кичево: Јовановски најави 10 милиони денари за чистење на дивата депонија и стационар за кучиња

Општината најави итно чистење на сметот, избор на нова локација и изградба на претоварна станица, како и стационар за бездомни кучиња.

·Македонија
Кичево: Јовановски најави 10 милиони денари за чистење на дивата депонија и стационар за кучиња

Градоначалникот Александар Јовановски денеска пред јавноста и градските советници го презентираше отчетот за сработеното: нови инфраструктурни зафати, асфалтирани улици и конкретни рокови за решавање на еколошките црни точки во општината.

Најголемо внимание предизвика ветувањето за решавање на дивата депонија лоцирана во просторот на бившиот керамички комбинат. Јовановски истакна дека „Општина Кичево, со одобрение на Советот, издвоила 10 милиони денари за час поскоро да се отстрани и да се доведе на нулто ниво сметиштето“ и дека веќе се преземаат итни теренски мерки.

Избор на локација и проект за претоварна станица

Градоначалникот додаде дека паралелно со вонредната интервенција, во соработка со Министерството за животна средина при крај е изборот на нова локација за депонија. По изборот на местото ќе следува изработка на проект и брз старт на изградба на претоварна станица за комунален отпад.

Покрај чистењето на депонијата, локалната власт најави и изградба на модерен стационар за бездомни кучиња, со цел проблемот да се третира хумано и трајно. Избрана е локација и проектот е во завршна фаза на изработка.

Овие најави доаѓаат по долготраен притисок од јавноста и низа протести на кичевчани кои предупредуваа дека дивата депонија во градот претставува вистинска еколошка бомба. На местото кај некогашниот керамички комбинат отпадот неколку пати се самозапалувал или бил пале, при што градот се задушувал во токсичен чад и здравјето на жителите од околните населби било директно загрозено.

Статистиката на СВР Охрид со години го позиционира Кичево меѓу рекордерите во регионот по бројот на пријавени напади од улични кучиња. Во полициските билтени речиси секојдневно се евидентираат нови случаи на каснати граѓани, од повозрасни лица до деца, а проблемот Општината ја чини над сто илјади евра годишно по основ на исплатени отштети.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи