Китановa сведочи на судењето за пожарот во „Пулс“
17-годишната сведок опиша активирани пиротехники, паника и како била извлечена од телата на убиените и повредените.

Судењето против 13-те полициски службеници од СВР Штип и Полициската станица Кочани, обвинети за тешки дела против општата сигурност во врска со катастрофалниот пожар во нелегалниот клуб „Пулс“, продолжи со сведочењето на 17-годишната Елеонора Китановa. Таа опиша како на 16 март 2025 била пуштена во дискотеката како малолетно лице и што следело откако на сцената биле активирани пиротехнички средства.
Во присуство на мајка ѝ, Китанова одговараше на прашања на обвинителката Спасенка Андонова, а судијката Фанка Јанчулева стана и стоеше до девојчето додека сведочеше. Таа рече дека иако имала 16 години кога влегла, ѝ продале карта и без проблем две пати купила пијачка, а отишла на концертот со момче кое подоцна било тешко повредено.
„Имаше многу гужва. За концертот дознав два дена претходно. Случајно отидов, за да не кршам атер на друштвото. Сигурно биле информирани од фејсбук страната на диското. Не ја следам нивната страна, ама знаев за концертот на 'ДНК'”, сведочеше Китанова пред обвинителката чија цел е да докаже дека не е можно само полицијата да не знаела оти таа вечер ќе има концерт.
Паднал запален сунѓер, се создал стампедо, ја извлекол пожарникар
Китанова рече дека на враќање од тоалетот забележала полицаец на внатрешна врата и ѝ го видела значето, но не и лицето. Не видела полицајци крај бината, но на бината од двете страни имало по една кутија која била прскалки и била видлива за присутните.
„Откако се вклучија прскалките, 'ДНК' испеа две-три песни. Кај два и пол часот сакав да снимам. Го оставив мобилниот на маса, за три-четири минути избувна пожарот. Почнаа луѓето да излегуваат, но некако бавно. Останавме само јас, брат ми и Мартин. Мартин ми рече, ај да излегуваме. И 'ДНК' рече излезете, брзо ќе се вратиме. До нас сите беа малолетни, тие набрзина излегоа на претходното предупредување за рацијата”, сведочеше таа.
Пожарот предизвикал паничен бег од просторијата. Китанова раскажа дека врз нејзиното лице паднал запален сунѓер, се онесвестила и оти кога последен пат земала воздух толку многу ја горело во градите што помислила дека тоа е крајот: „Кажав: толку е од животот! Мартин ме штитеше, врз неговиот грб паѓаа запалени сунѓери, пластики…Се струполи и тој до мене.”
„Сакав да ми извлечат макар само дел. Нека исечат од мене тоа што не може да се извлече, што е затрупано, другото нека го извлечат. Пожарникарот ме виде, со сета сила ме извлече, ме фрли надвор на тепихот, жива”, сведочеше Китанова, додавајќи дека кога се освестила многумина од повредените и загинатите веќе биле изнесени и дека од внатре чуле луѓе како викаат: „Отворете ја вратата, отворете ја вратата”.
Дел од присутните родители на загинатите реагираа силно на сведочењето бидејќи според нив полицијата однадвор ја држела вратата за да не излезат малолетници, незнаејќи дека внатре ќе се појави пожар кој достигнал температура од 800 степени целзиусови.
По сведочењето на Китанова, на тронот на судот сведочеше и Тијана Коцева, ќерка на обвинетиот Тодор Јованов, која рече дека била легитимирана внатре, се онесвестила и дека пожарникар ја извлекол. Таа рече дека побарала помош од тројца полицајци надвор, но ѝ рекле дека тоа не е нивна област и дека еден од нив ѝ кажал дека ќе ја приведе ако не престане да вика.
Во обвинението се наведени Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанчe Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски. Тие се обвинети оти не постапиле според прописите за мерките за заштита, одобриле план за акциска контрола без да проверат дали се опфатени сите потребни проверки и без да ги применат Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризици, поради што на 16 март 2025 во „Пулс” била активирана непријавена пиротехника и избил пожар со 63 загинати и над 200 повредени.
Фото: СДК.МК)


