Почетна
Македонија

Израелски тим од Шеба прегледа 24 повредени од пожарот во Кочани, 16 оперирани во Скопје и Кочани

Израелски медицински тим од Шеба ги евалуираше повредените и изврши 16 операции фокусирани на дланките; следува континуирана грижа и рехабилитација.

·Македонија
Израелски тим од Шеба прегледа 24 повредени од пожарот во Кочани, 16 оперирани во Скопје и Кочани

Дваесет и четири пациенти, меѓу повредените во пожарот во Кочани минатата година, беа евалуирани од тим на Медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив, при што во последните денови беа извршени 16 операции, соопштија здравствените власти на прес-конференција.

Како што беше објаснето, фокусот на интервенциите беше на повреди на рацете и дланките: шест операции се изведени на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, а 10 во Општата болница во Кочани.

Постојана грижа и враќање на третманот во земјата

Министерот за здравство Сашо Клековски истакна дека државата ќе остане покрај повредените на долги патеки и дека дел од пациентите кои досега беа лекувани во странство сега почнуваат со третмани во Македонија.

„Државата е тука за повредените од Кочани на долги патеки. Ова е демонстрација на таа посветеност дека кога ќе помине вниманието од многу други страни, здравствените власти ќе бидат тука и ќе ја дадат целата неопходна поддршка. За мене, посебен успех од оваа интервенција е што некои од повредените, кои досега беа третирани во Унгарија и во Србија, сега почнаа со третмани тука во Македонија. Тоа е важно бидејќи оваа грижа не е само еднократен третман. На овие повредени ќе им треба континуирана грижа, а таа најдобро ќе биде обезбедена тука дома, во Општата болница во Кочани и на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје,“ рече Клековски.

Д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници и на одделот за интензивна нега за изгореници при Медицинскиот центар „Шеба“, рече дека ова е нивна втора посета и дека има изненадувачки напредок во однос на изгледот на лузните постоперативно.

„Кога зборуваме за повреди од изгореници, тие се едни од најтешките медицински состојби за лекување, бараат долгорочно следење и третман бидејќи тие лузни континуирано се менуваат, особено кога вклучуваат тешки повреди на дланките, на функционалните делови на телото. Многу е тешко да се третира акутната фаза, а уште поголем предизвик и подолготрајно е да се води грижа за рехабилитацијата и за враќањето на функцијата на долг рок. Повредите од изгореници опфаќаат многу аспекти: некои од нив се функционални, особено кога изгорениците вклучуваат тешки повреди на рацете и екстремитетите; некои се естетски, кога станува збор за лузни и повреди на лицето; а многу од нив се психолошки. Континуитетот на грижата и поддршката е клучна работа за овие пациенти,“ рече д-р Харац.

Тој додаде: „Не станува збор за технологија или што било друго, станува збор за грижа и посветеност, и тоа е извонредна работа. Ова е неверојатна работа што ја сработивме тука. Бевме во постојан контакт со вашите доктори во изминатите неколку месеци, разгледувајќи ги случаите, дискутирајќи што можеме да подобриме и како да го направиме тоа. Изминатите денови прегледавме 24 пациенти. За секој од нив разговаравме за медицинскиот напредок, каков вид операции се потребни, кога да се направат и кои би биле најдобрите опции. Потоа, во последните три дена извршивме 16 операции, вклучително реконструктивни зафати, подобрување на лузните, враќање на функцијата и подвижноста - сѐ што можевме да придонесеме од нашето знаење,“ рече д-р Харац.

Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Ѓорѓиевска‑Павловска, рече дека на клиниката се извршени посложени зафати, вклучувајќи трансфери на тетиви за подобрување на функционалноста на дланката, некои артродези за стабилизација во физиолошка положба и корекции на хипертрофични лузни кои имале негативен ефект врз должината и подвижноста на прстите.

„Навистина сум презадоволна и од нивната ангажираност, исто така и од нашите колеги на Пластична хирургија. Тие деца, тие пациенти, не се оставени сами на себе од првиот момент до ден-денес. Изгореницата е дијагноза за цел живот, а Клиниката и Министерството, т.е. сите стоиме зад овие пациенти,“ додаде д-р Ѓорѓиевска‑Павловска.

Директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катарина Мирчовска, рече дека селекцијата на пациентите била направена според функционалноста на дланките и се заблагодари на тимовите од анестезиологија, инструментари, болничари и на специјализантите од Клиниката за пластична хирургија.

„Она што следува е потешкиот дел - физикалната и работната терапија за да овозможиме овие операции комплетно да ја вратат функционалноста на дланките. Потешкиот дел допрва следува, организирањето на физикалната терапија и континуитетот на грижата и негата за нивните дланки. Болницата во Кочани е намерно вклучена поради местото на живеење на пациентите, достапноста на здравствените услуги, можноста за континуитетот во негата, обуката на кадарот, која веќе ја помина, како и соработката со Клиниката за дерматологија. Она што им следува се ласерските третмани во наредната фаза, како и третманите на Клиниката за пластична хирургија,“ рече д-р Мирчовска.

Д-р Гордана Георгиева, која ја води работната група за координација на здравствените напори за повредените од Кочани, посочи дека во текот на изминатата година пациентите биле третирани мултидисциплинарно, со комбинација на оперативни и конзервативни мерки — ласерска терапија на лузни, компресивна терапија, психосоцијална поддршка и физикална рехабилитација.

Таа додаде дека биле формирани две работни групи за евалуација на пациентите кои го следат текот и даваат препораки, како и дека постои комуникација со експерти од Белгија, Австрија и Хрватска за планирање на идните интервенции. Целта е подобрување на квалитетот на животот и дека процесот ќе биде долготраен и повеќегодишен.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи