Почетна
Македонија

Шест јавни претпријатија од Битола чуваат 13.380.169 денари во „Алта банка“

Градоначалникот Тони Коњановски објави салда; „Поинаку“ и дел од советничките групи бараат итно собирање на советот.

·Македонија
Шест јавни претпријатија од Битола чуваат 13.380.169 денари во „Алта банка“

Шест од осумте јавни претпријатија во Битола се депоненти во „Алта банка“ АД Битола — на нивните сметки има вкупно 13.380.169 денари, односно над 219.000 евра, објави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Опозиционна иницијатива бара вонредна седница

Независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ поднесе барање за вонредна седница на Советот на Општина Битола, со барање да се добијат податоци кои јавни претпријатија и општински институции се депоненти во банката, кога станале депоненти, со колкав капитал се изложени во истата и кои насоки ги презема Општина Битола. Барањето, како што стои, е поддржано од советничките групи на „Поинаку“, СДСМ, Левица и ЛДП и повикува на јавна информираност за држењето на јавните средства.

Градоначалникот Коњановски го оцени барањето како популистичко и рече дека создава страв и несигурност кај јавноста. Тој на својот фејсбук профил напиша: "Општина Битола како основач на јавните претпријатија ги следи насоките и информациите од Народната банка на Македонија. Тоа што дел од претпријатијата имаат сметка во ‘Алта банка‘ никако не значи дека е загрозена нивната функционалност. Деновиве ќе разговараме на седница на локалниот економско-социјален совет и заеднички со членовите на ова тело ќе постапиме во поглед на секој чекор што би можел да биде преземен од страна на локалната самоуправа за дополнителна заштита на интересите на своите граѓани. Верувам дека многу скоро целиот случај ќе има завршница".

Коњановски ги наведе и поединечните состојби што, според него, се на сметките во „Алта банка": ЈКП „Водовод“ — 427.993 денари; ЈПЗУППИ (за урбанизам) — 3.400.000 денари; „Комуналец“ — 76.228 денари; „Паркинзи“ — 4.450.000 денари; „Пазари“ — 4.530.948 денари; и „Нискоградба“ — 495.000 денари. Тој додаде дека „Жабени“ и „Пелалинк“ немаат сметки во банката.

Во меѓувреме, брзата помош интервенираше неколкупати пред филијалата на „Алта банка“ во Битола откако повторно се отворија шалтерите за клиенти. Со новите правила наметнати од привременото раководство во банката, фирмите со сметки во „Алта банка“ не можат да вршат плаќања кон правни и физички лица кои имаат сметки во други банки; дозволени се само внатрешни трансфери и плаќања во рамките на банката и измирување на одредени обврски.

Прашањето стигна и до Советот на Град Скопје, каде советничката од СДСМ, Катерина Цаневска, го праша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дали градот или некое јавно претпријатие под негова надлежност има сметка во „Алта банка“ АД Битола. Ѓорѓиевски кусо одговори дека ниту едно јавно претпријатие нема сметка таму, додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со смеа и негодување во текот на дискусијата.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи