Почетна
Македонија

Ќе се обновува земјениот пат што ќе ги поврзе Големото Езеро и Брајчино

Управата на паркот планира да го возобнови земјениот „француски“ пат од Првата светска војна за да го поврзе Големото Езеро со Брајчино; патеката ќе биде долга околу 40 километри.

·Македонија
Ќе се обновува земјениот пат што ќе ги поврзе Големото Езеро и Брајчино

На 2.218 метри надморска височина, Големото Езеро на Пелистер во последните денови привлекува посетители од цела Европа кои храброста ја мерат со температурата на водата. Наместо жежок песок – планински камен; наместо топла – свежа, глацијална вода, која дури и во август ретко се искачува над 12 Целзиусови степени.

Патот од Првата светска војна ќе се врати во функција

До оваа планинска оаза се стигнува по земјен пат останат од Првата светска војна. Поради гранитната структура и камените наноси, делницата е предизвик за возилата и за некои пешачењето останува најдобар начин да се стигне до езерото. Управата на паркот најави возобновување на земјениот „француски“ пат од Првата светска војна со кој Големото Езеро ќе се поврзе со Брајчино во Преспа; така, од инфо-центарот до Преспа би се добила патека долга околу 40 километри.

„Иако примарно патот ќе се користи за противпожарна заштита, сепак, креираме мултифункционални решенија. Ќе се оствари сон на многу генерации за поврзување на Брајчино со Големо Езеро. Тоа ќе биде пешачка и велосипедска патека. Треба да се има предвид дека во 2028 граничниот премин Маркова Нога ќе биде отворен, па ќе се овозможи регионална туристичка понуда. Сите уредувачки активности се во насока на еко-активен туризам, кој овозможува заштита на природата“, вели Иванчо Тошевски, директор на Нацлионалниот парк.

Туристите што ги сретнавме на езерото доаѓаа од Франција, Холандија, Италија и Македонија. За многумина тоа беше ново откритие: сончање и дури пливање во глацијалната вода што се полни со топењето на снегот од врвовите. „Ни кажаа дека тука важат други правила. На Големото Езеро сонцето не треба да се потценува. Иако воздухот е свеж, поради надморската височина, УВ-зрачењето е посилно, а одблесокот од водата дополнително ја зголемува изложеноста. Во Големото Езеро не се влегува како во летен базен. Студената планинска вода бара постепено привикнување, а оние кои ќе се осмелат да запливаат, најчесто прво ги навлажнуваат нозете и телото, пред да влезат подлабоко“, вели Ана ван Дијак од Холандија.

Некои посетители доаѓаат со џипови по стрмниот и нерамен пат со кривини и камени наноси; други пристигнуваат со мотори или пеш и уживаат во видиковците што се отвораат кон Преспанското Езеро на едната, и Пелагониската котлина на другата страна. „Ова е прекрасно искуство. Никогаш претходно немав слушнато за Пелистер. Следевме рута која нѐ донесе тука од Галичица, Македонија е прекрасна“, рече Лоренцо од Италија.

Локалните жители работат како придружници и возачи по планината. Габриела Панајотова, која работеше во Англија и се врати во родниот крај, им помага на туристите да стигнат до потешко пристапните делови и неодамна го прослави својот 30. роденден на Големото Езеро со отворање шампањ. „Пелистер за моето семејство има големо значење, сестра ми за Нова година беше запросена на Антена. Како хоби возам џипови низ Пелистер. Ја сакам природата и сакам да сум блиску до дома, а одгоре да се гледа цела Битола. На младите им препорачувам прво да дојдат горе, да ја доживеат планината и во лето и во зима, да го видат ѕвезденото небо навечер“, рече Панајотова.

Планинарскиот дом на Големо Езеро служи традиционални јадења — гравче, колбаси, шопска салата, пелистерско сирење, лубеница и слатко од смокви. За оние што ќе останат преку ноќ, домот може да прими 40 гости. Возобновувањето на патот е дел од десетгодишната програма за заштита од пожари на Пелистер, а проектот предвидува и враќање на езерото Рупа, кое постоело за време на Првата светска војна, било испуштено за потребите на војските и сега се планира неговата конзервација.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи