Почетна
Македонија

Клековски: Случајот со Михаилова е прашање на правдата, не на здравството

Министерот рече дека побарал дополнување на извештајот на ДСЗИ и дека при прелиминарната проверка има констатирано прекршоци; потпишан е план за соработка 2026–2028.

·Македонија
Клековски: Случајот со Михаилова е прашање на правдата, не на здравството

Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека на средбата во Софија со бугарската министерка за здравство Катја Ивкова е постигната, како што ја опиша, премолчена согласност дека случајот со Ива Михаилова не е здравствен, туку прашање од доменот на правдата. Тој го кажа ова одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на 100 нови амбулантни возила.

„Во основа, постигнавме премолчена согласност дека прашањето на И.М. не е здравствено, туку прашање од доменот на правдата бидејќи лицето е бегалец од правдата барано со меѓународна потерница. Како што тоа прашање е на правдата, а не здравствено прашање – не го разговаравме“, изјави Клековски.

Побара дополнување на извештајот на ДСЗИ

На прашањето дали е готов извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), инициран од Клиниката за неврологија во врска со случајот со Михаилова и со докторот Иван Барбов, министерот рече дека побарал извештајот да се дополни со податоците од сите здравствени установи каде што пациентката била лекувана.

„Побарав дополнување на извештајот на ДСЗИ бидјеќи не е следена целата патека и здравствени постапки кои пациентката ги имала во здравствените установи во Македонија и дополнително побарав надзорот да се прошири и на една приватна здравствена установа каде што е третирана во меѓупериодот. Во оваа фаза веќе има констатирано прекршоци и побаран е стручен надзор за медицинскиот дел од извештајот“, рече тој.

Клековски и бугарската министерка Ивкова потпишаа план за соработка за периодот 2026–2028 година за време на посетата на Софија. Министерот додаде дека надзорот ќе опфати и јавни и приватни здравствени установи наведени во патеката на лекувањето.

Докторот Иван Барбов, кој ја лекувал Михаилова на Клиниката за неврологија, неодамна изјави дека не знаел за постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици и дека препораката пред да се лекува во Бугарија произлегувала од тоа што таа е државјанка на Бугарија и има здравствено осигурување таму, како и затоа што најблиска држава со методите на лекување што тој ги препорачал била Бугарија. „Препорачав лекување на Ива Михаилова во Бугарија оти е државјанка на земјата, не знаев за постапката за сообраќајката“, вели доктор Иван Барбов.

Фото: Фејсбук

Поврзани написи