Почетна
Македонија

Коалицијата „Маргини“ бара враќање на содржините за сексуалната различност и хомофобијата во програмата за ССО

Невладината побара јавно објаснување од МОН и воведување механизми за заштита на ЛГБТИ учениците.

·Македонија
Коалицијата „Маргини“ бара враќање на содржините за сексуалната различност и хомофобијата во програмата за ССО

Коалицијата „Маргини“ побара враќање на содржините за сексуалната различност и за хомофобијата во програмата за Сеопфатно сексуално образование, која по извршените измени е преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“. Невладината обвинува дека бришењето на поимот „род“, како и отстранувањето на темите за родова еднаквост и сексуални и репродуктивни права, ја загрозува безбедноста и правата на ЛГБТИ младите.

Во барањата упатени до институциите, „Маргини“ ја повикуваат Министерството за образование и наука јавно да ги објави стручните мислења врз основа на кои се направени измените. Тие исто така бараат воведување јасни механизми за пријавување и заштита од хомофобично и трансфобично насилство во училиштата и вклучување на младите и на организации што ги застапуваат нивните права при креирањето на образовните политики.

Подаци и аргументи

„Со отстранувањето на оспоруваните содржини, Министерството за образование и наука ја зацврстува моќта на антиродовите актери да определуваат чии искуства смеат да бидат именувани во образованието. Цената на ваквото повлекување ја плаќаат младите чии права и безбедност веќе се загрозени. Јавното негодување против нивната рамноправност не смее да стане критериум за наставните програми“, велат од Коалиција „Маргини“.

Коалицијата посочува дека речиси 37 отсто од учениците пријавиле дека во нивното училиште се случило врсничко насилство врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет. Дополнително, 63 отсто од ЛГБТИ учениците во земјава го кријат својот идентитет на училиште, а 61 отсто од испитаниците изјавиле дека ЛГБТИ прашањата никогаш не биле опфатени во нивното образование.

Истражувањето на Коалицијата „Опасност од (не)постоење“ утврди 255 случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ+ лица во периодот 2021–2023 година, од кои 82 се во образованието. „Овие податоци бараат јасна образовна политика за спречување на хомофобијата и заштита на младите, а МОН одговара со отстранување на нејзиното експлицитно изучување и со тоа ја ослабува програмската обврска да се препознаваат и оспоруваат предрасудите што го овозможуваат насилството“, додаваат од Коалицијата.

Коалицијата предупредува дека училиштата сè уште не се безбедна средина за сите ученици и повикува на враќање на избришаните содржини, воведување механизми за пријавување и заштита и вклучување на младите и нивните застапници во донесувањето на образовните политики.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи