Кочани доби нов Центар за електронски услуги
Нов центар им овозможува на жителите пристап до услугите на uslugi.gov.mk и помош при електронски апликации.

Во Кочани е отворен нов Центар за електронски услуги преку кој жителите ќе добијат локален пристап до електронските услуги достапни на националниот портал uslugi.gov.mk. Во Центарот ќе може да се поднесуваат барања и да се подигнуваат документи како извод од матичната книга на родените, документи од казнената и кривичната евиденција, како и услуги од Агенцијата за катастар на недвижности, Фондот на ПИОМ и други институции.
Побрзо и поедноставно до услуги
Од Министерството за дигитална трансформација соопштија дека преку отворањето на Центарот, жителите на Кочани и околината ќе можат на едно место да пристапат до електронските услуги и да добијат поддршка при нивното користење и пополнување на електронски барања.
Министерот Стефан Андоновски истакна дека приближувањето на дигиталните услуги до граѓаните е особено важно за оние кои имаат потреба од помош при поднесувањето на електронски барања.
Андоновски рече: "Граѓаните ќе можат да добијат над 350 услуги за коишто досега ќе требаше да поминат различни институции за да ги добијат или да аплицираат и да ја добијат услугата сами од нивниот мобилен телефон или лаптоп. Оние кои немаат електронски уреди, не знаат или не сакаат да ги користат, сега ќе можат на едно место, во Центарот за услуги во Кочани да добијат бројни потврди и услуги".
Ова е осумнаесетти Центар за услуги во Македонија.
Градоначалникот Владко Грозданов кажа дека Советот на Општина Кочани со задоволство ја прифатил иницијативата на министерот и дека новиот Центар ќе скрати време за чекање по шалтери и ќе го намали патувањето до главниот град. "Нашите сограѓани ќе можат точно да разберат што нуди јавната админситрација, ќе го скратат своето време за пополнување на различен тип образци, ќе овозможиме подобра е-услуга за определени документи, ќе можат да се прикачат на дигиталните платформи и секако за оние кои им е потребна помош за едукацијата во делот на електронските услуги ќе можат то ада го спроведат овде. Ова за нашите сограѓани ќе значи многу, ќе се скрати времето за чекање по шалтери, ќе се скрати времето за патување во главниот град, определен документ ќе може и овде да се извади. На располагање ќе бидат љубезни вработени, ова е придобивка и за општините Чешиново-Облешево и за Зрновци".
Во рамки на работната посета, предвидено е министерот Андоновски да оствари средби и со претставници на компании од ИТ-секторот, како и со членовите на СТЕМ-клубот за роботика од Кочани.
Фото: Министерство за дигитална трансформација


