Почетна
Македонија

Колку Македонија може да го стигне возот на преговорите по кластери?

Памер гледа позитивен тренд за земјата, Мицкоски предлага вмешување на ЕУ во преговорите со Бугарија, а Фон дер Лајен ќе донесе пораки на крајот на месецот.

·Македонија
Колку Македонија може да го стигне возот на преговорите по кластери?

Амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер, оцени дека постои напредок во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан, но за конкретен датум за членство ја посочи единствено Црна Гора. Истовремено, Црна Гора се соочи со барања од неколку земји членки на ЕУ, вклучително и Хрватска, за пауза во отворањето на кластерите.

Дали Северна Македонија може да го следи темпото?

Памер нагласи дека Северна Македонија следи позитивен тренд во рамките на Планот за раст за Западен Балкан, но не даде прогноза за конкретен временски рок за членство.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски предложи во преговорите со Бугарија да бидат вклучени и претставници на Европската Унија, со цел надворешна помош при дијалогот. Дел од политичките актери во земјата, пак, сметаат дека Владата нема доволен капацитет за деблокирање на европскиот интегративен процес.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, оцени дека Европа се приближува кон историски момент, сличен на периодот пред големото источно проширување на ЕУ. Таа испрати директна порака до Скопје и Софија: македонската Влада да го спроведе договореното, а откако Северна Македонија ќе ги исполни уставните измени, Бугарија да даде поддршка за продолжување на пристапниот процес.

На крајот на месецов се очекува овие пораки лично да му бидат пренесени на премиерот Христијан Мицкоски од претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен за време на нејзината посета на земјата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи