Почетна
Македонија

Комисијата утврди дискриминација и нареди враќање на вработен со аутизам поради мобинг во скопска ИТ‑компанија

КСЗД утврди долгорочно психолошко насилство и нареди компанијата да го врати работникот и да воведе механизми за заштита во рок од 30 дена.

·Македонија
Комисијата утврди дискриминација и нареди враќање на вработен со аутизам поради мобинг во скопска ИТ‑компанија

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека една скопска информатичко‑технолошка компанија дискриминирала и виктимизирала вработено лице на спектарот на аутизам, по завршена темелна истрага. Во одлуката е наведено дека емоционалното и вербалното злоставување од повеќе колеги траело од 2021 година и продолжило до поднесувањето на претставката.

Што утврди Комисијата

КСЗД констатираше дека компанијата сторила тешка дискриминација по перцепција врз основа на здравствена состојба во областа на работата и работните односи и дека имало виктимизација. Подносителот на претставката добил отказ по поднесувањето на претставката, а Комисијата заклучи дека некои од постапките на работодавачот по пријавата претставувале виктимизација.

Во својата претставка жртвата наведува дека инцидентите кон него се „стоитици“ и опфаќаат долгорочно психолошко насилство и култура на мобинг. Тој се себеопишува како лице со дијагноза Аспергеров синдром, без вербална или интелектуална попреченост, и смета дека токму тоа било причината за обемот на насилствата и неспособноста на раководството да ги прекине.

Како едни од најновите примери на злоупотреба е наведено дека на 14 јануари, додека вршел попис на основни средства во една канцеларија — задача што ја вршел три години и за која претходно добил пофалби и парични награди — една колешка му рекла дека ја нервира затоа што секоја година ги бара истите основни средства, и му упатувала саркастични досетки.

Жртвата наведува и директна закана што била изговорена претходно: „Да знаеш како ми иде да ти го треснам тоа у носот!“, која, според него, истата колешка ја изјавила во април 2023 година кога го сретнала во ходник со папка. Пред да ја поднесе претставката, тој пријавил и случај во кој колешка и колега од фирма‑ќерка во бифето разговарале пред него дека тој е „ненормален“ — разговор инспириран од негова реакција во јуни лани поврзана со хронично психолошко вознемирување.

КСЗД истакна дека подносителот пријавувал инциденти кај работодавачот, но управата тврдела дека не постојат писмени пријави и дека повиканите лица не признале дискриминација или вознемирување. Подоцна, жртвата доставил докази за поднесени пријави уште од 2022 година. Компанијата се правдаше дека отказот е последица на оптимизација и укинување на работното место, но проверка во Агенцијата за вработување покажала дека единствено на подносителот му бил даден отказ во рамки на таа оптимизација.

Комисијата препорача компанијата да го врати дискриминираното лице на работа на неопределено време во рок од 30 дена од приемот на мислењето и да воспостави ефикасен механизам за спречување и заштита од дискриминација на работното место, со носење внатрешни акти за еднаков третман, за што исто така треба да ја извести Комисијата во истиот рок. Ако компанијата не постапи, КСЗД ќе ја пријави пред надлежен суд — евентуална позитивна пресуда може да ја зацврсти позицијата на жртвата во понатамошни судски постапки, вклучително и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Во претставката се наведува и дека во 2025 година една вработена правничка предложила одржување обука за вработените поради инцидентите, но предлогот бил одбиен. Жртвата жалеше што пропуштена е можноста колегите да дознаат дека е аутистичен и да разберат зошто изгледа поинаку или не реагира на шеги; тој дури понудил да ја покрие обуката со свои средства. Наместо тоа, нему му било сугерирано вербално да се прилагоди и да прикрива дека е лице со аутизам, и му кажале да "не претерува многу – многу со упорноста, зашто ќе го разлути генералниот директор."

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи