Почетна
Македонија

Костреш: Памфлетот со навреди кон Филипче не е став на српскиот народ, целта е да се заштити Стоиљковиќ

Лидерот на ЛСВ го оцени текстот како политички нарачан напад чија цел е да ја заштити позицијата на Иван Стоиљковиќ, а не да го застапува српското малцинство.

·Македонија
Костреш: Памфлетот со навреди кон Филипче не е став на српскиот народ, целта е да се заштити Стоиљковиќ

Претседателот на Лигата на социјалдемократи на Војводина (ЛСВ), Бојан Костреш, жестоко ги осуди навредливите написи упатени кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека тие не ја отсликуваат волјата на Србите во земјава туку се наменети за заштита на Иван Стоиљковиќ.

Костреш: Објавата е „политички нарачан документ“ поврзан со медиуми блиски до Орбан и финансиски кругови блиски до Вучиќ.

Според Костреш, т.н. реакција објавена прво на порталот expres.mk под името „Регионален Одбор Куманово на Српската заедница во Македонија“, а потоа споделена и на Фејсбук од страна на Иван Стоиљковиќ, е полна со навреди како „политичка бљувотино“ и „духовен изроду“ и претставува организиран политички напад. Тој посочи дека текстот е објавен на портал близок до Виктор Орбан и е спонзориран од Алта банка, за која, како додаде, граѓаните на Србија добро знаат дека е индиректно во сопственост на семејството на Александар Вучиќ.

„Особено е индикативно што овој текст, исполнет со груби навреди, закани и политички дисквалификации упатени кон лидерот на СДСМ, е објавен на портал близок до Виктор Орбан, а спонзориран од Алта банка, за која граѓаните на Србија многу добро знаат дека е индиректно во сопственост на семејството на Александар Вучиќ“, рече Костреш во соопштение за медиумите.

Костреш додаде дека текстот објавен под името „Регионален одбор Куманово на српска заедница во Македонија“ не е израз на ставот на српскиот народ во земјава. „Тоа е политички нарачан документ чија цел е да ја заштити позицијата на Иван Стоиљковиќ, а е полн и со ужасни навреди против СДСМ и Венко Филипче“, оцени Костреш и го нарече материјалот „агресивен политички памфлет, во кој навредите се на најниско ниво“.

Тој упати критика дека кога ваков текст се пласира во име на Србите во Македонија преку медиуми поврзани со Орбан и финансирани од систем близок до кругот на Вучиќ, „повеќе нема дилема чии интереси стојат зад таа 'реакција'“. Костреш го обвини Стоиљковиќ дека со години се претставува како претставник на Србите, додека всушност функционира како „продолжена рака на службите и политичкиот центар во Белград“ и дека ваквите постапки ја компромитираат и нанесуваат директна штета на позицијата и угледот на заедницата.

Тој ги повика претставниците на македонското малцинство во Војводина и низ цела Србија јасно да го осудат, како што рече, тој „чин на злоупотреба“ на српската заедница во Македонија. „Србите во Македонија имаат право на достоинство, а не на улога на политичка алатка“, заклучи Костреш.

Контроверзијата се појави по објавата од минатата недела кога лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека ќе поднесат интерпелација против Иван Стоиљковиќ за, како што наведе, насилничко однесување и навреди упатени кон пратеници за време на собраниската расправа за владина реконструкција, но и за време на паузата. Филипче најави дека очекува голема криза од септември и дека СДСМ ќе преземе поголема офанзива во Собранието.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи