Крмов: „Македонија пат“ – Штип летово 25 дена била без нафта; Николоски: фирмата е оштетена од банда на адвокати, проценители и вештаци
Пратеникот од Левица вели дека фингија на работа во Штип е парализирана 25 дена ова лето, а министерот тврди дека претпријатието е оштетено од организирана група.

Пратеникот од Левица откри дека подружницата на „Македонија пат“ во Штип ова лето 25 дена била без нафта, што довело до прекин на поголемите зафати и до позајмување на гориво за ситните интервенции од колегите во Кочани. Машинистите биле испраќани на принуден одмор, а дел од вработените, според кажувањата, веќе година и пол немаат ни ХТЗ опрема.
Министерот за транспорт Николоски рече дека проблемите се резултат од криминални практики кои, како што посочи, се одвиваат во претпријатието со години. Тој нагласи дека наследиле долг од 34 милиони и дека се плаќале екстремно високи цени за материјали и услуги.
Тврди и судски пресуди за плаќања
Борислав Крмов од Левица ги опиша последиците врз работата во Штип и условите на вработените. „Огромен дел од вработените немаат ништо си си работат по тренерки и фармерки и ве потсетувам дека со тоа го кршите и законот“ рече Крмов.
Николоски детално наведе што ја нарече организирана шема околу претпријатието, со тешки финансиски последици. „Само за удари на кучиња се пресудени оштети од 11 милиони евра. Имаат формирано банда на адвокати, проценители и вештаци и излегува дека, до 2024 година, кога директор беше оној што си ја тепаше жена му, Костадин Ацевски, секој ден се удирале кучиња во возила. После 2024 некако намалија ударите на кучињата“ рече министерот, наведувајќи дека судовите пресудиле задолжувања со камата и покрај наводно високите понудени цени.
Министерот го повика Јавното обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај и над 20 кривични пријави што тој сам ги потпишал и да ги испита предметите.
Политичката размена се продлабочи кога од СДСМ побараа оставка од министерот Иван Стоиљковиќ и извинување за препукувањето со нивниот пратеник Трајчулевски пред одморите и за објава од партијата посветена на Ратко Младиќ.
„-Ова самоволие на Стоиљковиќ, заштитата што ја добива, го отвора прашањето зошто?Што точно ѝ носи на владата на Мицкоски, освен личната врска со Српската напредна странка и Александар Вучиќ?, праша Јована Тренчевска, пратеничка од СДСМ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, ѝ одговори дека не треба да зборува против министер без негово присуство. „Ќе дојде Стоиљковиќ, ќе го прашате.Спомнувате српски свет и Вучиќ, тоа е оној Вучиќ на кој на минусни температури на граница му аплаудиравте со Филипче за едно кутивче вакцини? Тоа е истиот Вучиќ,“ рече Мицевски, опоменувајќи дека на седницата се поставуваат прашања, а не се одржуваат прес‑конференции.
Фото: прес-материјал од настанот


