Куманово почна со пилот-проект за селекција на пластичен отпад и лименки
Во населбата Зелен Рид се поделени 200 бесплатни канти, цел е намалување на ПЕТ отпад и подобро рециклирање.

Во Куманово почна пилот-проект за примарна селекција на пластичен отпад и алуминиумски лименки. На околу 200 домаќинства во населбата Зелен Рид им се поделени бесплатни канти каде што ќе го селектираат отпадот, по што колективен постапувач ќе го собира од домовите на секои две недели.
Целта и учесниците
Целта е отпадот од домаќинствата да се одвои уште на почетокот на неговото создавање за да се подобри понатамошното собирање и рециклирање, да се намалат количините што завршуваат на депониите и да се воведат принципите на циркуларната економија во секојдневните навики на граѓаните.
Проектот го спроведува Одделението за заштита на животната средина на Општина Куманово, во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“, Министерството за животна средина и просторно планирање, Центарот за климатски промени и фирмата „Уно продукт“ – Куманово.
„Денеска сме на улицата Мирче Ацев каде ќе донираме 200 пластични канти за селекција на шишиња од вода и сок, обена и необоена пластика и алуминиумски лименки од сок, пиво и храна и пластични кеси. Ова е пилот-проект, почнуваме од овде, а ќе ги опфатиме и останатите улици во населбата и во други делови на градот каде ќе се поделат бесплатни канти, со цел да го исчистиме градот од ПЕТ амбалажата. Се надеваме дека ќе се разбуди еколошката свест кај граѓаните и проектот ќе биде успешен“, кажа Сашо Томиќ, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
„ Сакам да ги повикам граѓаните кантите кои ќе им бидат поделени да ги користат исклучиво за селектирање на пластика и лименки, за да не дојде до мешање со комуналниот отпад, заради воспоставување на системот за управување со отпад“, кажа Александра Протиќ, раководителка на Одделението за заштита на животната средина во Општина Куманово.
Од Центарот за климатски промени појаснија дека циркуларната економија е еден од столбовите на Зелената агенда и дека примарната селекција е неопходна за нејзино остварување. Кантите за селекција ги донира Министерството за животна средина и просторно планирање.
Општина Куманово е вклучена во поголем проект „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на Западен Балкан на локално ниво“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. Од ЈП „Чистота и зеленило“ велат дека ќе добијат и две камиони за собирање отпад, една цистерна за вода и две метлачки како дел од новата комунална механизација, обезбедени преку донација од Светска банка промовирана во Скопје; се очекува опремата да ја зголеми хигиената во градот кој сега се соочува со стар возен парк и финансиски тешкотии.
С. НИКОЛИЌ
Фото: СДК.МК)


