Купишта отпад зад куќите на ул. „Јужноморавски бригади“ во Ченто, жители бараат интервенција
Камиони истураат отпад и фекалии зад куќите на улицата „Јужноморавски бригади“; Општина Гази Баба вели дека лицето е казнето и е задолжено да го отстрани сметот.

Жители на улицата „Јужноморавски бригади“ во скопско Ченто се жалат дека со камиони се донесува и истура отпад и фекалии веднаш зад нивните куќи и бавчи, што предизвикува неподнослива миризба и нарушување на хигиенските услови.
Тие велат дека поради миризбата не можат да ги отвораат прозорците, а при поголеми врнежи водата од местото каде што се натрупува сметот завршува во нивните дворови. Жителите упатија апел до надлежните општински служби итно да интервенираат за да се спречи понатамошно деградирање на просторот пред нивните домови.
Општината изрече казна и наложи подигање на отпадот
Општина Гази Баба, по пријави од граѓани и доставено видео, извршила увид и утврдила дека товарно возило во сопственост на физичко лице Р.Ј. од Скопје го носело и истурало отпадот на локацијата. На лицето му е изречена парична казна и издадена наредба за подигање на сметот.
Во официјалниот допис од општината се вели: "По информациите од граѓаните и споделеното видео, Инспекторатот на Општина Гази Баба презеде активности и утврди дека се работи за товарно возило во сопственост на физичко лице Р.Ј. од Скопје. Согласно Законот, на лицето му е изречена глоба, која веќе ја има уплатено, како и задолжување за подигање на сметот. Доколку лицето не го подигне сметот, ќе му биде изречена уште една глоба, а подигањето ќе го изврши Општина Гази Баба преку ЈКП „Гази Баба", при што на лицето ќе му биде доставена фактура".
Проблемот со дивите депонии не е нов и подолго време го мачи голем дел од населението во државата. Министерството за животна средина, Центарот за управување со кризи и некои компании најавија воведување систем за видеомониторинг на депониите со современи камери, видеоаналитика и вештачка интелигенција за навремено откривање на чад, пожар и други ризици.
Жителите нагласуваат дека очекуваат побрза и опиплива акција од локалните служби за да се сопре натамошното фрлање отпад и да се исчисти веќе натрупаниот смет пред да настанат здравствени проблеми.
Фото: прес-материјал од настанот


