La Sapienza објави нови археолошки докази под Црквата на Светиот Гроб
Три години ископувања во Црквата на Светиот Гроб открија растителни траги, докази за каменолом и римски слоеви кои одговараат на евангелските описи.

По три години прецизни археолошки ископувања во внатрешноста на Црквата на Светиот Гроб во Ерусалим, тим од Универзитетот Ла Сапиенца во Рим објави низа нови налази кои, според научниците, се во согласност со описите во Новиот завет за погребната локација на Исус.
Прелиминарниот извештај беше објавен во 75-то издание на научниот магазин Liber Annuus, што им дава академска тежина на наодите и, како што посочуваат истражувачите, ја исклучува можноста за евентуален сензационализам.
Методологија и главни сознанија
Истражувањето, предводено од проф. Франческа Романа Стасола, користеше современи техники — 3D ГИС системи, ласерски скенери, георадари (GPR) и палеоботанички анализи — за да реконструираат античкиот пејзаж под црквата. Ова доведе до неколку клучни откритија.
Анализите на слоевите почва и растителните остатоци утврдиле траги од маслинки и лози кои науката ги датуира приближно на 2.000 години — елемент што го одекнува записот во Евангелието по Иван (Ин 19,41), каде што се споменува градина и „нов, сè уште неупотребен гроб“ покрај местото на распетието.
Истражувачите, исто така, потврдиле дека во 1. век оваа локација била напуштен каменолом надвор од ерусалимските ѕидини, каде што се кршеле карпи и се врежувале гробници во карпа — карактеристики кои ги опишуваат и евангелските текстови.
Во извештајот се наведува дека во 2. век императорот Хадријан ја заполнил областа со големи количества земја и камења за да подигне пагански храм посветен на Венера (Афродита); парадоксално, токму тој слој ја зачувал оригиналната карпена гробница.
Кога подоцна императорот Константин го разрушил паганскиот храм — меѓу 325 и 326 година — под земјата пронашол добро сочувана, во карпа врежана гробница и подоцна над неа подигнал прва базилика.
Проф. Стасола јасно вели дека овие археолошки докази не можат да служат како апсолутна потврда на сите теолошки убедувања, но нагласува: "Без разлика дали некој верува во постоењето на Светиот гроб или не, неспорна историска фактографија е дека генерации и генерации луѓе уште од античко време длабоко верувале дека локацијата е автентична, а најновите откритија покажуваат зошто имале толку цврсти основи за тоа."
Фото: прес-материјал од настанот


