Почетна
Македонија

ЛДП: Судството и полицијата функционираат перфектно, но само кога треба да ја штитат владината гарнитура

ЛДП предупредува за двојни мерила откако институциите експресно постапија по заканите упатени кон премиерот Христијан Мицкоски.

·Македонија
ЛДП: Судството и полицијата функционираат перфектно, но само кога треба да ја штитат владината гарнитура

Либерално-демократската партија (ЛДП) обвини дека во државата владеат двојни аршини откако Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство експресно постапиле во случајот со заканите упатени кон премиерот Христијан Мицкоски.

Во соопштението ЛДП ја оцени брзата интервенција како „испит на двојните стандарди“ и наведува: „Кога неговата светост, самопрогласен шеф на новата елита, ќе добие закана на социјалните мрежи, Министерството за внатрешни работи реагира со брзина на светлината: сторителот од кумановско Черкези е веднаш идентификуван, Јавното обвинителство експресно процесуира, а целата државна апаратура се става во функција на негова заштита.“

Правосудството може да работи брзо, но селективно

Реакцијата на институциите дојде по информацијата од Основното јавно обвинителство Куманово дека вчера е отворена постапка против 39-годишник од кумановското село Черкези поради основано сомневање дека сторил кривично дело загрозување на сигурноста по член 144 став 5 од Кривичниот законик. По предлог на Обвинителството, Основниот суд во Куманово му одреди осумдневен притвор на осомничениот поради ризик од бегство, наведувајќи дека тој бил познат на органите за извршување на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и повеќе прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.

ЛДП го истакнува контрастот: додека случајот од Черкези се процесуира со „брзина на светлината“, пријавите за директни закани по животот на претседателката на партијата, Моника Зајкова, како и на други јавни личности и граѓани, со месеци и години стојат без институционална разврска.

„Со ова се испраќа загрижувачка порака: за самонаречената елита важат законите, казнивоста, брзата правда и идолопоклонството, додека за обичните граѓани остануваат само отворените закани и несигурноста“, оцени ЛДП, барајќи да се прекине користењето на државните ресурси за лична заштита и ПР-спектакли и повикувајќи на правна држава во која законите и заштитата важат подеднакво за сите граѓани.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува надлежните органи да му дадат соодветна правна разврска на случајот. Тој ја обелодени содржината на пораките и рече: „Знам како се решаваат тие работи кога не би бил институција.“

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи