Владата нема да се откаже од спојување на АНБ и Агенција за разузнавање – вели премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот рече дека реформата ќе биде транспарентна, со јавна дебата и контрола од Собранието.

Владата ќе продолжи со планот за спојување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР), изјави премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, одбивајќи повици да се откаже од проектот. Тој посочи дека процесот ќе биде транспарентен, ќе вклучува јавна дебата и ќе биде ставен под засилен парламентарен надзор.
Парламентарен надзор и правни гаранции
Одговарајќи на прашањето на пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, Мицкоски нагласи дека спојувањето е предвидено во изборната програма на ВМРО‑ДПМНЕ и дека подготовките се во координација со надлежните институции и со стратешките партнери на државата. Тој посочи дека една од целите на реформата е поефикасно функционирање на безбедносните служби, со вградените механизми кои треба да спречат злоупотреби.
„Точно е дека оваа Влада планира да направи реформа во начинот на кој што функционираат службите. Прво затоа што кога бевме во опозиција бевме жртви на тие служби и за тоа има судски процеси, ќе видиме како ќе завршат. Не се тие се уште во фаза во која што можеме да коментираме. Ќе видиме како сето тоа ќе заврши. И тоа нема да биде доколку почне процес кој што ќе биде скриен, напротив, ќе биде транспарентен процес кој што ќе има јавна дебата онолку колку што е потребно, за да искантализираме решение кое што ќе обезбеди транспарентност, односно контрола од овде од Парламентот кој што ќе ја контролира работата на таа една единствена обединета агенција и она кое што е најважно, кое што ќе обезди добивање информации со цел заштита на суверенитетот и демократскиот капацитет на државата, да не биде злоупотребена“, рече Мицкоски.
Премиерот ги отфрли сомнежите дека обединувањето може да доведе до повторни случаи на незаконско прислушување, наведувајќи ја постоечката Оперативно‑техничка агенција (ОТА) и механизмите за одговорност пред законот. „Тоа е невозможно затоа што имаме една друга институција која што се вика Оперативна техничка агенција. Така што и да некој едноставно ако зборуваме за нешто кое што е спротивно на законот, тоа е веќе злоупотреба и за тоа си има друг тип на механизми и одговорност пред законот. Во услови на кривично дело за кои што се потребни посебни истражни мерки, имаме неколку процеси за кои што сега јас не би зборувал јавно, не сакам да го загрозувам процесот и на тој начин да ја правам ранлива државната безбедност. Но, како политичка партија излеговме на избори со програма и еден од проектите во таа програма е токму тоа обединување на агенциите по теркот на Соединетите Американски Држави, Хрватска и бројни примери коишто ги има во Европа и меѓу нашите партнери во во рамките на НАТО“, рече премиерот.
Пратеникот Трајчулески, којшто ги потсети на претходните случаи на злоупотреба на безбедносниот апарат, вклучувајќи го скандалот со незаконското прислушување, предупреди дека без соодветни ограничувања постои ризик службите да станат инструмент на владејачката партија и граѓаните да бидат изложени на следење, притисок и заплашување. „Ова прашање го поставувам со длабока загриженост затоа што Македонија не смее да си дозволи уште едно искуство во кое службите ќе станат инструмент на владејачката партија, а граѓаните ќе станат предмет на следење, притисок и заплашување. Нашата држава веќе ја плати цената на злоупотреба на безбедносниот апарат и тоа два пати во време на владеење на ВМРО‑ДПМНЕ. Скандалот со незаконското прислушување покажа колку се опасни службите кога надзорот потфрла, а политичката моќ останува без ефективни ограничувања“, рече пратеникот.
На таа собраниска седница Трајчулески отвори и прашања за контролата на државните граници, посочувајќи бегства на лица од земјата и случајот со петте тони дрога запленети во Србија. Тој побара од премиерот конкретни резултати со кои Владата гарантира дека институциите ефикасно ги контролираат границите и го штитат суверенитетот. Мицкоски кажа дека расправата за спојувањето се води уште од 2024 година и дека Владата предлага укинување на Законот за координација на безбедносно‑разузнавачката заедница како еден од чекорите кон обединување.
Фото: Принтскрин


