Ловечки трофеи изложени во Велешкиот театар по повод 80 години на Ловечката федерација
Во фоајето на Велешкиот театар беа прикажани трофеи од дозволени отстрели и истакнати се планови за решавање на статусот на ловиштата.

Ловечки трофеи од животни за кои е издадена дозвола за отстрел беа изложени во фоајето на Велешкиот театар, во рамки на одбележувањето на 80-годишнината на Ловечката федерација на Македонија.
Посетителите имаа можност да видат примероци од волци, лисици, елени лопатари, срндаци, диви мачки, мечка, верверици, јазовец, диви свињи, дивокози и муфлони — трофеи од животни уловени со дозвола за отстрел.
Претседателот на Федерацијата, Влатко Алексовски, ги поврза активностите на здружението со долгорочното управување со дивечот: „Јавноста треба да ја потсетиме дека ние, ловџиите, сме тие кои им помагаме на животните да ја преживеат зимата, ги прехрануваме, а во лето им оставаме вода за пиење за да ја совладаат жедта на високите температури. Ловџиите не постојат 80 години, тие постојат уште од почетокот на човештвото, кога луѓето се прехранувале со ловење. На Второто заседание на АСНОМ во 1945 година е донесена првата уредба за ловство. Осум месеци подоцна, на 18 април 1946 година, е формирана Ловечката федерација, како Сојуз на ловечки друштва“, кажа тој.
Алекссовски посочи дека федерацијата брои 25 илјади членови и дека од годинава постои и женско здружение на ловџијки.
Управување со ловишта и законски измени
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, рече дека се работи на решавање на долгогодишниот проблем со недефинираното управување на дел од ловиштата. „Работиме на долгогодишниот проблем во ловството, на решавање на недефинираното управување со дел од ловиштата. Од вкупно 268 ловишта, во постапка за доделување остануваат уште 21. Со тоа ќе се заокружи системот и ќе се знае за секое ловиште кој го користи и кој е одговорен за неговото одржување. Со тоа ќе се заштити дивечот на тоа подрачје од нелегален улов“, рече Серафимовски.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ги образложи измените во регулативата кои, според него, им ја олесниле работата на ловџиите: „Констатиравме дека пет илјади граѓани ги исполнувале условите за дозвола за лов, а дозвола не добиле, но затоа добиле лица кои не смееле да имаат оружје во рака. Ја укинавме обврската за претходно одобрение за купување муниција, па сега ловецот оди во продавница и купува како во секоја европска држава. Купопродажбата се следи преку Централниот електронски систем. Со новиот Закон за оружје е воведено проширено корисничко право, со што татко и син или двајца браќа полесно можат да го користат истото оружје. Се продолжи и рокот за наследување на оружјето, оти по смртта на близок, последното нешто на кое мисли семејството е оружјето и неговото наследување“, рече Тошковски.
Фото: СДК.МК)


