Мајка од Нерези седи на часови со двете близначки со аутизам поради недостиг на образовни асистенти
Мајка вели дека мора да присуствува на часови за да ѝ помогне на двете првачиња со аутизам додека државата не обезбеди асистенти.

Мартина Младеновски од скопско Нерези од 1 септември седи на часови со своите две првачиња — близначки со аутизам — затоа што државата не им обезбедила образовен асистент, право на кое, според семејството, децата имаат законско оправдување.
Мартина вели дека проблемот е масовен и дека многу првачиња со попреченост остануваат без помош која им е потребна за да посетуваат редовно (инклузивно) образование. Таа ја опишува и економската тежина: таткото мора да оди на работа, прегледите се плаќаат приватно, а суплементите за исхрана не се на рецепт.
Родителката раскажува дека ја шетале меѓу училиштето „Братство“ и Министерството за образование и наука, па понатаму до ООУ „Златан Сремец“ и назад. „Не знам веќе по кој пат треба да се обратам и на која врата да тропнам за некој конечно да го слушне ова што го зборуваме ние родителите на деца со попреченост. Моите две девојчиња оваа година започнаа во редовно училиште. За нив тоа е огромна промена, нова средина, нови луѓе, нова рутина. И наместо да се фокусираме на нивното прилагодување, учењето и на сите убави работи што ги носи почетокот на едно ново поглавје, јас веќе неколку дена седам со нив во училиште. Зошто? Затоа што немаат обезбедени образовни асистенти, и тоа замислете, им следувало само еден. Одговорот што го добиваме е дека се чека одобрение од МОН, па потоа ООУ ‘Златан Сремец’ треба да распише конкурс и да ги ангажира асистентите,“ раскажува Мартина.
Таа додава дека не може да се пожали на самото училиште, кое се обидува да обезбеди поддршка, но дека асистентите кои доаѓаат често се различни и непознати за нејзините деца. За деца со аутизам, вели таа, промената на рутина и постојаното менување на луѓето кои треба да им дадат поддршка е голем проблем.
„За моите деца ќе направам се што е во моја моќ. Но не е во ред јас да ги пополнувам дупките што системот не успева, а очигледно и не сака да го пополни. Не барам привилегија. Не барам ништо повеќе од другите. Барам моите деца да го добијат она што им е потребно за да можат рамноправно да одат на училиште. Ова не е само моја приказна. Ова е проблем со кој се соочуваат многу родители и за кој премногу често се молчи,“ вели таа, и додава дека потребата за асистенти била пријавена уште при уписот на првачињата на 4 мај.
Одговор од МОН и организација на родители
Министерството за образование и наука информира: "Информираме дека во тековната учебна година се ангажирани 1.358 образовни асистенти во основното и за прв пат – 166 во средното образование. Најмногу досега, а во тек е постапка и за ангажирање на дополнителен број на стручни лица кои ќе обезбедуваат образовна асистенција за децата, согласно пријавените потреби на нивните родители. Во меѓувреме, до завршување на постапката за избор, сите основни и средни училишта се задолжени да ги стават во функција сите расположливи кадровски и стручни капацитети со кои располагаат заради обезбедување на континуирана и функционална поддршка на учениците со попреченост и родителите можат да се обратат директно во училиштето."
Во меѓувреме, родители кои се соочуваат со истиот проблем се организираат на социјалните мрежи. Во Facebook-групата „Посебни родители“ има пријави од мајки кои велат дека нивните првачиња останале без образовни асистенти. Мартина вели дека не може повеќе да молчи и повикува институциите да обезбедат континуирана и позната поддршка за учениците со попреченост.
Фото: прес-материјал од настанот


