Македонија произведува повеќе со помалку земја — приноси пораснаа, површини се намалија
И покрај намалување на обработливите површини, растот на приносите за пченица, јачмен и пипер ја подигна вкупната продукција.

Во 2025 година Македонија произведува повеќе земјоделски производи со нешто помалку обработлива површина отколку пред десет години: вкупната земјоделска површина падна од 1 264 408 хектари во 2015 на 1 233 099 хектари во 2025 година.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека околу 48% од територијата е земјоделска површина, при што 40% е обработлива, а 60% пасишта. Во рамките на обработливото земјиште доминираат ораниците и бавчите (околу 80%), ливадите учествуваат со околу 12%, лозјата со 4%, а овоштарниците со 3–4%.
Површини и приноси во периодот 2015–2025
Во периодот 2015–2025 нема значајни структурни промени: овоштарниците бележат благи пораст (+0,3 процентни поени), а лозјата мало намалување (-0,2 процентни поени). Но, кај повеќето култури приносите по хектар растат и ја компензираат загубата на површини.
Пченицата останува најзастапена култура со 24,6% од засеаните површини или 65.648 хектари во последната година. Заедно, пченицата, јачменот и пченката сочинуваат 51,1% од сите засеани површини. Иако површините под пченица се намалиле за 11% (од 73.979 хектари во 2015 на 65.925 хектари во 2025), производството на пченица е зголемено за 27% — од 201.218 тони во 2015 на 256.199 тони во 2025 — поради повисок принос.
Јачменот е најголем добитник меѓу житните култури: засадената површина пораснала за 5,4%, а производство и приноси се зголемиле за над 50%. Оризот, пак, бележи силен пад во површини (-39%) и во производство (-37%). Од зеленчукот, компирот покажува зголемен принос и покрај намалена површина (производството од 189.408 тони во 2015 пораснало на 203.758 тони во 2025), додека пиперките имаат и раст на површини (од 8.622 на 9.033 хектари) и раст на производство (од 189.443 на 244.043 тони).
Не сите култури бележат раст: производството на краставици паднало од 66.830 тони во 2015 на 32.536 тони во 2025 (со намалување на површините за околу 11%), а доматите од 173.434 тони во 2015 паднале на 112.645 тони во 2025. Најголем релативен пад е кај леќата — од 84 хектари во 2015 на 24 хектари во 2025 (повеќе од 70%).
Податоците укажуваат и на зголемена потреба од сточна храна: детелината има најголем релативен пораст (>50%), а раст бележат и сончогледот (+8,7%), јачменот (+5,4%) и пиперките (+4,5%). Тутунот останува значајна индустриска култура со 5,9% од површините.
Фото: прес-материјал од настанот


