Македониумот во Крушево изнајмен за 500 евра за спот на Дон Џони, вели министерот
Министерот за култура Седат Сулејмани вели дека институциите можат да изнајмуваат простории, но директорите треба да ги следат активностите и дозволите.

Споменикот Македониум во Крушево бил изнајмен за околу 500 евра за снимање на спотот на косовскиот рапер Дон Џони, потврди министерот за култура Седат Сулејмани на прес-конференција, додека повика директорите на институциите да внимаваат на тоа што ќе се случува во внатрешноста на заштитените објекти.
Сулејмани: Институциите можат да изнајмуваат, но треба контрола
Сулејмани, кој на функцијата стапи на 13 јули со реконструкцијата на Владата како кадар на „Вреди“, рече дека спотот — за песната „Секси мама“, која има околу 4,3 милиони прегледи на Јутјуб — бил снимен однапред и дека за случајот дознал утрово. Тој најави дека Министерството ќе прибере дополнителни информации и ќе се консултира со правните служби и со Владата доколку биде потребно да се преземат законски измени.
„Свесен сум за случајот. Ние како Министерство надлежни сме да ги браниме сите артисти и културни работници. Имаме еден случај што станува чувствителен. Но, за тоа ќе треба да видиме со правните служби како можеме понатаму ако треба некаква законска измена да се направи. Сè уште немам детални податоци и сме во процес и ќе видиме и со Владата ако треба ќе седнеме и ќе решиме. Деталите не ги знам, случајот е нов за мене, утрово дознав и ако кажам нешто веројатно ќе згрешам. Ќе земам дополнителни информации и ќе видиме како понатаму", изјави Сулејмани.
Директорот на Историскиот музеј Крушево, Миха Оџаклиески, изјави дека продукцијата побарала дозвола и музејот ја одобрил. „Просторот беше отстапен за снимање спот. И на Управен одбор имаме донесено одлука да може просторот да се отстапува со соодветна цена, се наплатува. Тие имаа доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот. Немаме точно оформена цена, се отстапува на саати, на пример околу 500 евра за 5-6 саати“, ни изјави Миха Оџаклиески.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, потврди дека од нив не е побарана дозвола за снимање во внатрешноста на споменикот. Таа посочи дека често пристигнуваат барања за снимање во заштитени објекти и дека дозволи се даваат кога активностите се во согласност со промоцијата на македонската култура, уметност и наследство.
Споменичкиот комплекс Македониум, дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски, беше отворен на 2 август 1974 година — на денот што се совпаѓаше со 30-годишнината од заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Во комплексот е и гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската република. Во 2018 година едно странско архитектонско списание го вброи меѓу десетте најуникатни градби во светот, а во 2016 година друго го вброи меѓу седумте најинтересни бруталистички објекти во светот.
Изминатото лето, споменикот — кој со години има проблеми со продор на вода — делумно беше заштитен со метална конструкција околу галериите со витражи како привремено решение. Директорката на Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, тогаш рече дека се работи за привремено решение и дека основниот проект за санација поминал низ Националниот конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство. Од Управата потоа рекоа дека тие не дале дозвола за поставување на металните решетки и дека следи инспекциски надзор; резултатите од надзорот сè уште се очекуваат.
Фото: Принтскрин од видео)


