Почетна
Македонија

Македониумот во Крушево отстапен за 500 евра за снимање на спотот „Секси мама“

Управниот одбор на Историскиот музеј дозволи користење на просторот; Управата за заштита вели дека не е поднесено барање за дозвола.

·Македонија
Македониумот во Крушево отстапен за 500 евра за снимање на спотот „Секси мама“

Македониумот во Крушево беше отстапен за неколкучасовно снимање на делови од спотот за песната „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони за сума од 500 евра, потврди директорот на Историскиот музеј во Крушево.

„Просторот го отстапивме со одлука на Управниот одбор по цена од 500 евра за неколку часа. Ова не е првпат, и во други прилики сме го отстапувале Македониумот за соодветна цена. Но, не е целиот спот снимен во Македониумот. Оние делови каде што има кревети и играње се снимени на друго место“, вели Миха Оџаклиески, директор на Историскиот музеј Крушево.

Дозволи и реакција на Управата за заштита

Управата за заштита на културното наследство потврдува дека до неа не е поднесено барање за дозвола за снимање во објектот кој е ставен под заштита. Појаснуваат дека постапуваат по барања за фотографирање и филмско снимање во заштитени објекти и дека барање може да биде одбиено доколку се оцени дека настанот или содржината не претставуваат културна манифестација.

Македониумот е дело на брачниот пар уметници Јордан и Искра Грабулоски; споменичкиот комплекс беше откриен на 2 август 1974 година и во него се наоѓа гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република.

Со години споменикот има проблеми со протекување и оштетувања. Летово беше поставена метална конструкција над дел од витражите како заштита од атмосферските влијанија, што предизвика реакции во јавноста и критики дека изгледа како да е „зад решетки“. Додека не се најде трајно решение за заштита и санација, дел од комплексот беше искористен за снимањето на спотот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи