Почетна
Македонија

Македонската берза заѕвони за децата во поддршка на повикот на УНИЦЕФ

Настанот на Светскиот ден на детето го нагласи фактот дека се потребни 19.000 нови места во градинките за да се постигне целта за 2032.

·Македонија
Македонската берза заѕвони за децата во поддршка на повикот на УНИЦЕФ

По повод Светскиот ден на детето, УНИЦЕФ и Македонската берза собраа претставници на Владата, граѓански организации, бизнисот и финансискиот сектор на настанот „Ѕвониме за децата“ — дел од глобална иницијатива која ги повикува деловните и инвестициските актери да ја стават благосостојбата на децата во центарот на своите одлуки.

Потребни јавни и приватни инвестиции за исполнување на националната цел

Настанот беше организиран во рамките на кампањата по повод 80-годишнината на УНИЦЕФ „Да избереме подобра иднина за децата – силен почеток за секое дете“ и упати јасен повик до институциите, компаниите и инвеститорите да го прошрат пристапот до квалитетни и инклузивни услуги за раниот детски развој, предучилишно образование и грижа.

На говорниците им беше присутен податокот дека помалку од половина од децата до шест години во Северна Македонија се опфатени со предучилишно образование, а најчесто надвор од системот остануваат децата од семејства и заедници во неповолна положба. За да се достигне националната цел од 65 проценти опфат до 2032 година, потребни се континуирани јавни инвестиции за дополнителни 19.000 места во градинките, иновативни модели на финансирање и посилни партнерства; при тоа квалитетот, финансиската достапност и инклузивноста треба да бидат во центарот на напорите.

„Северна Македонија не може да ги промени демографските трендови преку ноќ, но одлуките што ги носи денес можат да го обликуваат нејзиниот развој и идниот просперитет. Во услови кога бројот на деца се намалува, потенцијалот на секое дете е поважен од кога било. Инвестициите во најраните години од животот и обезбедувањето силен почеток за секое дете имаат повеќекратни придобивки: подобри резултати за децата, поголеми можности за жените и семејствата, намалување на нееднаквостите, посилни компании и развој на човечкиот капитал што ѝ е потребен на државата за поотпорна иднина“, изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза, го потенцираше придонесот што берзите можат да го дадат за да ги поттикнат компаниите и инвеститорите да ги земаат предвид правата и благосостојбата на децата при донесување деловни и инвестициски одлуки.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и министерката за образование и наука Весна Јаневска нагласија дека пристапот до квалитетно и инклузивно предучилишно образование е многу повеќе од услуга за семејствата. Велковски посочи дека во соработка со УНИЦЕФ и Бирото за развој на образование се подготвува нова Програма за рано учење и развој која треба да го подобри квалитетот на воспитно-образовниот процес и да создаде подобри можности за развој на секое дете.

На настанот, претставниците од приватниот сектор истакнаа дека политики на работното место кои ги поддржуваат семејствата и одговорни деловни практики придонесуваат за благосостојбата и задржувањето на вработените; искуството на компанијата беше споделено од Петар Петровиќ, директор за човечки ресурси во Алкалоид.

Пред отворањето на тргувањето во 10:00 часот, децата заедно со претставници на УНИЦЕФ, Македонската берза и националните партнери симболично заѕвонија на берзанското ѕвоно, испраќајќи порака дека децата и нивните права треба да бидат во центарот на одлуките кои ја обликуваат иднината на земјата. Настанот се одржа во „Дајмонд мол“ во Скопје, каде што УНИЦЕФ постави инсталација што го симболизира игралиштето во градинка како потсетник за потребата од заедничко дејствување за обезбедување место во градинка за секое дете.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи