Почетна
Македонија

Македонскиот рубин добива сертификат за потекло и автентичност

Воведување на сертификат, QR-код и јавен регистар за гарантирање на автентичноста и квалитетот на македонскиот рубин.

·Македонија
Македонскиот рубин добива сертификат за потекло и автентичност

Македонскиот рубин добива национален систем за сертификација и контрола: Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека наскоро ќе се воведе сертификат за потекло и автентичност, како и QR‑код преку кој купувачите ќе можат да проверат информации за потеклото и карактеристиките на каменот.

„Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство, има свое потекло, свои специфични својства и своја приказна. Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба“, изјави Сања Божиновска.

Називот „македонски рубин“ ќе може да го носат само производите што ги исполнуваат сите законски и стручни критериуми: потврдено потекло на материјалот, соодветна документација, спроведена стручна контрола и исполнување на условите утврдени со елаборатот, правилникот и законската рамка.

„Веќе не зборуваме за идеја или иницијатива, туку го градиме институционалниот механизам за заштита што ќе се применува во практиката. Мора прецизно да биде утврдено што може да се означи и да се продава како македонски рубин“, рече министерката.

Правна заштита и меѓународна афирмација

Постапката за институционална и правна заштита започна во 2025 година, кога Министерството во координација со Геолошкиот завод изработи стручен елаборат што ги утврдува потеклото, специфичните карактеристики и другите релевантни својства на каменот. Врз основа на таа документација, во мај 2026 година беше поднесена пријава до Државниот завод за индустриска сопственост, кој на 17 јуни 2026 година донесе решение со кое географскиот назив „македонски рубин“ доби правна заштита.

Паралелно со домашната заштита, се работи и на меѓународна афирмација: инициран е процес Северна Македонија да пристапи кон Женевскиот акт на Лисабонскиот договор, што би овозможило географската ознака во иднина да биде пријавена и за меѓународна заштита. Државниот завод веќе ја доставил иницијативата до Владата за понатамошни постапки по нејзино усвојување.

По комплетирањето на процедурите ќе следи широка информациска кампања кон занаетчиите, обработувачите, производителите и трговците, како и формирање јавен регистар на физички и правни лица што ќе работат со македонски рубин. Првиот QR‑код за проверка на автентичноста и потеклото се очекува да биде изготвен до крајот на октомври 2026 година.

„Нашата крајна цел е секој што ќе го слушне името македонски рубин да знае дека зад него стојат автентично потекло, проверен квалитет, јасен стандард и институционална гаранција. Сакаме македонскиот рубин да стане пример за тоа како државата може да го заштити своето природно богатство и да создаде производ со повисока вредност и меѓународен потенцијал“, порача Божиновска.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи