Почетна
Македонија

МЕПСО бара зголемување на тарифата за пренос од 97,68% за 2027

МЕПСО предлага тарифа од 0,5966 ден/кWh и бара регулаторниот приход да се зголеми, а РКЕ ќе утврди кои трошоци се оправдани.

·Македонија
МЕПСО бара зголемување на тарифата за пренос од 97,68% за 2027

Државниот оператор за пренос МЕПСО поднел барање кое, ако биде одобрено, ќе значи речиси двојно зголемување на просечната тарифа за пренос за 2027 година, покажуваат документи објавени на страницата на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.

Во барањето поднесено на 16 октомври операторот бара да се утврди основен приход за 2027 година во износ од 2,93 милијарди денари, регулиран максимален приход за пренос од 3,38 милијарди денари и количина на електрична енергија на излез од преносната мрежа на МЕПСО од 5.677.151.958 киловат часови.

МЕПСО предлага просечна тарифа за пренос од 0,5966 денари за киловатчас — што во споредба со актуелната просечна тарифа претставува зголемување од 97,68 отсто.

РКЕ ќе ги проверува трошоците и оправданоста

Компанијата бара регулаторен приход за 2027 година од 3,39 милијарди денари, наспроти 1,88 милијарди денари кои се одобрени за годинава, што е зголемување од околу 80 отсто. Истовремено, МЕПСО планира намалување на обемот на пренесена електрична енергија од 6,24 на 5,68 милијарди киловат-часови. РКЕ треба да ги анализира трошоците и да утврди кој дел од бараниот приход е оправдан.

Исто така, ревизии на цената се побарани и кај парното во Скопје — барања за ревидирање на актуелната цена доставиле „ЕСМ Производство", „ЕСМ Снабдување", „ЕСМ Дистрибуција" и компанијата „Енерџи еколонг“, која претходно работеше под името „Скопје Север".

Од РКЕ потврдиле дека како главна причина за барањата компаниите ги наведуваат високите цени на природниот гас. Од ЕСМ информираат дека, според нивните пресметки, гасот во октомври е поскап за околу 60 отсто во споредба со цената врз основа на која беше донесена последната одлука за парното во јули.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи