Почетна
Македонија

Мице Јанкуловски на сликарски симпозиум „Марк Ротко“ во Даугавпилс, Латвија

Делата создадени за време на симпозиумот остануваат во колекцијата на Музејот „Марк Ротко“, а изложбата ја отвори директорот Марис Чачка.

·Македонија
Мице Јанкуловски на сликарски симпозиум „Марк Ротко“ во Даугавпилс, Латвија

Реномираниот уметник Мице Јанкуловски учествуваше на сликарски симпозиум што се одржа во Музејот „Марк Ротко“ во Даугавпилс, Латвија. На симпозиумот уметниците создаваа нови дела на место и ги претставија резултатите на завршна изложба.

На симпозиумот учествуваа десет реномирани уметници: Никол Мулер, САД (Nicole Mueller, USA); Густавс Филипсон, Латвија (Gustavs Filipsons, Latvia); Андре Хемер, Нов Зеланд/Австрија (André Hemer, New Zealand/Austria); Вероника Хемпел, Полска (Weronika Hempel, Poland); Мице Јанкуловски, С. Македонија (Mice Jankulovski, N. Macedonia); Роза Хуанко, Шпанија (Rosa Juanco, Spain); Вилен Кунапу, Естонија (Vilen Künnapu, Estonia); Хенри Мандел, САД (Henry Mandell, USA); Петер Маслов, САД (Peter Maslow, USA); Ема Велде-Шафер, Нов Зеланд (Emma Velde-Schaffer, New Zealand).

Изложба и останување во музејската колекција

Изложбата со делата создадени за време на симпозиумот ја отвори директорот на Музејот „Марк Ротко“, г. Марис Чачка, а куратор на симпозиумот и изложбата е Павелс Терентјевс. Според избор на стручната комисија на музејот „Ротко“, изложените дела остануваат во колекцијата на музејот.

Како уметник, Мице Јанкуловски со децении е посветен на истражувањето и создавањето во областа на сликарството и цртежот, додека е јавно присутен преку повеќе уметнички дисциплини (карикатура, сликање сатирични слики на стакло, анимиран филм, палиндроми…).

Неговата биографија содржи повеќе од шеесет самостојни изложби во земјата и во странство и забележителни претставувања на значајни меѓународни изложби и биенални манифестации, како во Фиренца, Санкт Петербург, Солун, Венеција, Торино, Ларнака, Варна…

Добитник е на многу награди меѓу кои: 2025 – Посебно ГРАН ПРИ на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО на наградени уметници 2025 (Струга, С. Македонија); 2024 – Годишна награда за мал формат, Друштво на ликовни уметници на Македонија (Скопје, С. Македонија); 2023 – ГРАН ПРИ на 17-то Меѓународно биенале на минијатурна уметност (Г. Милановац, Србија); 2022 – Национална награда за животно остварување „11. Октомври“; 2021 – Награда за најдобар уметник (Биенале Ларнака, Кипар); 2020 – НАГРАДА РЕМБРАНТ за извонредност во уметноста (од САВУ – Светска асоцијација за визуелни уметности); 2019 – НАГРАДА ЕЛ ГРЕКО за најдобар уметник (Арт Тесалоники, Грција); 2019 – НАГРАДА „ЛОРЕНЦО ИЛ МАЊИФИКО“ за животно дело (XII Биенале во Фиренца, Италија); 2018 – Уметник на светот (Биенале Ларнака, Кипар); 2017 – ГРАН ПРИ (19-то меѓународно биенале за печатење, Варна, Бугарија); 1997 – ГРАН ПРИ Светска галерија на карикатура, Скопје; 1985 – ГРАН ПРИ „13 НОЕМВРИ“ на Град Скопје; 1985 – ЗЛАТЕН МЕДАЛ (награда на Советот на Европа) и СРЕБРЕНА УРМА за хумористичен дизајн на зададена тема (38-ма Меѓународна изложба за хумор на тема: Човекот и технологијата, Бордигера, Италија)…

Покрај многубројните написи, книги и каталози за неговата професионална работа, објавени се и неколку монографии за творештвото на Јанкуловски, со текстови од домашни и странски ликовни критичари и историчари на уметноста, како и од колеги-уметници и културни личности.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи