Мицкоски: ЕУ ја препозна злоупотребата на дел од членките
Мицкоски го оцени предлогот на ЕК како охрабрувачки и рече дека Северна Македонија ги исполнува две од трите услови за постепено интегрирање.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Европската унија го препознала злоупотребувањето на правото на вето од страна на дел од земјите членки, кои преку членството се обидуваат да наметнат билатерални прашања што не се поврзани со процесот на пристапување. Тој го кажа тоа по посетата на новата детска градинка во Шуто Оризари при коментар на предлогот на Европската комисија за ограничување на ветото по билатерални прашања кои не се поврзани со проширувањето.
„Очигледно е дека таму состојбата е препознаена, дека некои од земјите членки го злоупотребуваат своето членство во рамките на ЕУ и се обидуваат да излезат надвор од рамките на пристапувањето по заслуга и се обидуваат преку своето членство таму да решаваат некакви прашања кои немаат никаква врска со европските вредности и тоа е препознаено. Јас дадов една таква изјава кога во јуни бев во Тиват после средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон“, изјави Мицкоски одговорајќи на новинарски прашња.
Што значи предложената „постепена интеграција“
Мицкоски ја оцени како охрабрувачка најавата за постепена интеграција во Европската унија и рече дека Северна Македонија веќе ги исполнува две од трите услови што Комисијата ги поставила за почеток на процесот на постепено интегрирање.
„Првиот услов ќе биде за секоја држава посебен, тоа ќе бидат одредени реформи кои ќе треба државата да ги направи и кои допрва ќе се усогласуваат. Вториот услов е земјата да има заедничка надворешна и одбранбена политика, нешто што, како што кажа и Фон дер Лајен, ние како држава први го направивме и тоа веќе го имаме усогласено. Третото е во делот на системот за јавни набавки – реформа која ние во текот на следната недела ќе ја завршиме и ќе ја усвоиме во рамки на парламентот. Значи, две од трите ги имаме, а за првата чекаме што е тоа што за нас како држава ќе ни биде доставено од страна на Европската комисија“, рече тој.
Премиерот додаде дека земјата ќе направи сé за да започне постепената интеграција, да влезе во единствениот пазар и да ги следи другите позиции за кои постои интерес за пристапување.
Европската комисија вчера ги претстави новите предлози за идните проширувања на Европската унија, кои предвидуваат постепена интеграција на кандидатите пред формалното членство и посилни механизми за заштита доколку една нова членка отстапи од обврските по пристапувањето.
Фото: Влада


