Мицкоски најави можно намалување на ДДВ за горивата
Премиерот рече дека имаат „јасна стратегија“ додека цените растат поради кризата во Заливот.

Премиерот Христијан Мицкоски најави можно намалување на ДДВ за горивата откако цените повторно значително се зголемија, нагласувајќи дека ваквата мерка е дел од поширок план. На новинарско прашање дали Владата планира да го намали ДДВ-то за нафтените деривати, тој рече: „Да, планираме. Имаме јасна стратегија, јасен план“.
Планови и анализи
Мицкоски посочи дека според анализите кои ги имаат, кризата на Блискиот Исток и состојбата во Заливот ќе продолжат повеќе од тоа што се предвидувало — уште неколку години — и дека токму таа прогноза влијае врз владините подготовки.
Тој не даде конкретики за мерките што се очекуваат, објаснувајќи дека се преземаат внимателни чекори за да не се наруши макроекономската стабилност, а од друга страна да се обезбедат најевтини горива за граѓаните и индустријата. Мицкоски исто така не одговори конкретно дали се водат преговори со нафтената компанија ОКТА за обезбедување попусти, како што беше случај во претходниот период.
Премиерот останува на ставот дека земјава има најниски цени на горивата во регионот. „Дизел-горивото во Македонија е за половина денар по литар поевтино од тоа во Албанија, за 35 центи поевтино од тоа во Србија и од 30 до 50 центи по литар поевтино од сите држави во регионот – Грција, Хрватска Словенија, БиХ, Црна Гора, без разлика дали станува збор за безоловниот бензин или за дизелот“, изјави тој.
Мицкоски додаде дека на бензинските пумпи во земјава гориво точат и граѓани од соседството. „Имаме доволно за да опслужеме поголем конзум на нафта и нафтени деривати до 50-60 проценти од времето пред кризата. И не воведовме забрана. Неколку аеродроми во регионот се снабдуваат со реекспорт од Македонија. Така што, бидете спокојни“, рече премиерот.
Според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, од денеска литар еуросупер БС-95 се продава за 93 денари за литар, еуросупер БС-98 чини 95 денари за литар, а литар дизел се продава за 101,5 денари за литар. Исто така беше соопштено дека од полноќ бензините поскапуваат за 1,5 денари, а дизелот за 3,5 денари.
Фото: МИА