Мицкоски: Нема укинување на вториот пензиски столб
Премиерот демантира дека Владата најавила укинување на вториот столб; ревизорски наводи и демографските трендови ја отвараат дебатата за реформи.

Премиерот Христијан Мицкоски ги демантираше шпекулациите дека се подготвува укинување на вториот пензиски столб, откако во јавноста се појавија прашања по најавите дека започнале сеопфатни анализи на пензискиот систем и ризиците поврзани со вториот столб.
„Кој најавил дека ќе се укине вториот столб? Јас можам да зборувам од името на Владата. Таква најава од името на Владата нема ,“ рече премиерот Мицкоски и ги отфрли тврдањата дека ревизиите се најава за затворање на задолжителниот приватен столб.
Владините претставници повторно посочуваат дека се разгледуваат реформи во пензискиот систем, но засега не е познат обликот на претстојните промени додека траат анализите и проценките на експертите. Причина за преиспитување е променетата состојба во условите од воведувањето на вториот столб до денес.
Минатиот месец Државниот завод за ревизија во својот извештај укажа дека ПИОМ не ги префрла редовно парите во вториот пензиски фонд, иако постојат законски рокови за извршување на трансакциите.
Стареењето на населението и иселувањето на младите се меѓу клучните фактори што го нарушуваат балансот на пензискиот систем. За да биде одржлив, потребен е сооднос од три вработени наспроти еден пензионер; кај нас соодносот е околу 1,6 вработени на еден пензионер. Тоа значи дека уплатите по основ на придонеси се многу помали од исплатите за пензионерите, што постојано го зголемува буџетскиот дефицит.
Од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови рекоа дека национализацијата на вториот столб е технички можно решение, но најмалку посакувано: ќе ги реши проблемите само краткорочно — најмногу за три години, по што дисбалансот би се враќал. „Во моментот кога ќе дојде време да се исплаќаат паралелно пензии и од првиот и од вториот столб, обврската за исплата на пензии некаде половина од износот ќе падне на терет на вториот столб. Државниот фонд на ПИОМ и понатаму ќе продолжи да задржува повеќе од две третини од вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување. На тој начин, поголем износ на придонеси во првиот столб, а поделена обврска за исплата на пензиите, значи дека низ годините постепено ќе се избалансираат приходите и расходите на ПИОМ и ќе дојдеме до состојба на негова одржливост. Тоа е целта на реформата ," вели Маријан Николовски, претседател на Асоцијација на друштва за управување со пензиски фондови.
И надворешни експерти потенцираат дека е неопходна целосна ревизија на пензискиот систем; според нив, постојат повеќе патеки за дејствување, но треба да се избере она решение кое најмалку ќе ја оптовари државата и при тоа најмногу ќе ги заштити граѓаните.
Мирјана Јовеска
Фото: прес-материјал од настанот