Почетна
Политика

Мицкоски: Новиот Кривичен законик нема да важи ретроактивно, измените ќе се однесуваат на идните случаи

Премиерот најави дека по мислењето од Европската комисија ќе следува дебата во земјата и собраниска постапка.

·Политика
Мицкоски: Новиот Кривичен законик нема да важи ретроактивно, измените ќе се однесуваат на идните случаи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека измените на Кривичниот законик и на Законот за кривичната постапка кои Владата ги предложила нема да важат ретроактивно, туку ќе се применуваат само за предметите отворени по нивното донесување.

По отворањето на детската градинка „Лавче“ во Инџиково, општина Гази Баба, Мицкоски информираше дека Владата ги испратила предлог-измeните до Европската комисија и дека по добивањето на мислењето од Брисел ќе следува внатрешна дебата и потоа собраниска постапка.

Тој упати остри критики кон измените што беа усвоени за време на владеењето на СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги тогашните власти дека по скратена постапка и „под европската знаме“ ја усвојувале правната рамка.

„Во суштина, ние испративме во Брисел два закони. Едниот е Кривичниот законик, а другиот е Законот за кривичната постапка, или КЗ и ЗКП, како што популарно ги нарекуваат правниците. Тоа се закони што во времето на владата на СДСМ и ДУИ добија поинаква форма и суштина. И се сеќавате, тогаш тие, злоупотребувајќи го европското знаме, по скратена постапка во парламентот, ги изгласаа овие закони“, рече тој.

Ново кривично дело за загрозување на банкарскиот сектор

Премиерот најави и воведување на ново кривично дело за загрозување на сигурноста во банкарскиот сектор, кое, како што рече, е предложено врз основа на искуствата со Стопанска банка Битола и Алта банка.

Мицкоски појасни дека целта е да се спречат обиди за политичко влијание и опструирање процеси во финансискиот сектор. Како пример наведе периодот 2016–2017 година, кога, според него, тогашниот заменик-министер за финансии Кире Наумов испраќал писма со кои ја опструирал емисијата на еврообврзница, што, според премиерот, довело до зголемување на каматите и дополнителни трошоци за државата од неколку милиони евра.

„Мислам дека е ова една добра форма за понатаму да не се случува и да не се повторува на никој политичар ваква тема да злоупотребува за политички прилики“, додаде Мицкоски, и повтори дека по мислењето од Европската комисија ќе следи консултација со експерти и потоа законската постапка во Собранието.

Фото: Фејсбук

Поврзани написи