Мицкоски порача дека имал „лоша“ вест: Прославите за 35 години независност не чинеле ниту денар од буџетот
Премиерот тврди дека приватни компании платиле за концертите и ги повика граѓаните да проверaт на платформата „Отворени финансии“.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека имал „лоша“ вест за оние кои шпекулирале за финансиските трошоци на манифестациите по повод 35‑годишнината од независноста: организацијата на сите музички настани, според него, граѓаните и државниот буџет ги чинела нула денари.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски истакна дека изминатото лето Македонија имала „историско лето“ со настапи на светски познати музички имиња во повеќе градови, додавајќи дека целата организација била финансирана од општествено одговорни компании, без да ги именува фирмите.
Покана за проверка и список на настани
Тој упати повик до сите заинтересирани да ја проверат платформата „Отворени финансии“, каде, според Мицкоски, ќе се уверят дека за овие настани не се потрошени народни пари. Премиерот посочи дека тоа се „лоши вести“ за оние кои, според него, шират шпекулации и лажни информации.
Во списокот на настани стои дека летото започнало со Стив Аоки во Битола на 2 август, продолжило со караванот „Силно светнал ден“ низ 13 градови, настапите на Пол Окенфолд и Пол ван Дајк и рок‑спектакли во Струмица, како и концертот на Хозе Карерас со македонски ѕвезди во Скопје. Настаните кулминираа со концертот на Дејвид Гета на Градскиот стадион пред околу 50 000 посетители.
За оние кои го критикувале аранжманот, Мицкоски рече: "Жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат како тие би правеле, дека и некој друг така прави. Но, ова е влада домаќинска, ова е влада промакедонска, која се грижи за граѓаните и секој денар буџетски средства се троши на транспарентен начин".
Прашањето колку чинел настапот на Дејвид Гета на стадионот „Тодор Проески“ беше актуелно во јавноста. Сопственикот на „Авалон продукција“, организаторот на музичките настани, на понеделничката прес‑конференција беше прашан зошто договорната сума не е објавена и дали постои клаузула што тоа го спречува. Тој возврати остро кон новинарката: "Дали ти изгледам јас како идиот? Јас кажав за што е пресот, имате да поставите прашање во контекст на пресот?"
Претходно, на 27 мај годинава, владината портпаролка Марија Митева изјави дека како влада немаат што да кријат околу организацијата и дека ќе ги објават сите детали откако ќе завршат најавите за сите настани. "Нашата транспаретност, како што било досега ќе биде и отсега, и верувајте дека како влада доследно ќе информираме за сите детали. Како што најави и организаторо на првата прес-конференција, постојат некои договорни клаузули за кои не сме во можност сега да зборуваме, но дајте ни време да ги објавиме сите настани и веднаш ќе ја информираме јавноста за сите детали", рече тогаш Митева.
Фото: прес-материјал од настанот


