Следуваат нови поскапувања, СДСМ: Мицкоски ги одбива предложените мерки
СДСМ вели дека нема мерки во ребалансот, бара 600 евра минимална плата и помош за земјоделците.

Опозициската партија СДСМ ја обвини Владата на Христијан Мицкоски дека ги одбива предложените мерки за помош и зголемување на платите, додека трошоците за живот во земјава продолжуваат да растат.
Од партијата велат дека од јануари до сега трошоците за живот за македонските граѓани се зголемиле за 4.000 денари. Според нив, синдикалната минимална кошничка во октомври е над 70.000 денари, а со кирија за стан од 60 квадратни метри изнесува скоро 90. 000 денари — ниво што, како што тврдат, прави дури и три просечни плати недоволни за покривање на основните трошоци.
„Трошоците за живот за македонските граѓаните од јануари до сега се зголемени за 4.000 денари. Во октомври синдикалната минимална кошничка е над 70.000 денари, а со кирија за стан од 60 квадратни метри изнесува скоро 90. 000 денари. Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци. Македонскиот работникот работи цел месец, а платата не му стигнува да преживее затоа има најниска плата во Европа. Платите не ги следат поскапувањата. Стандардот е на ниво на една третина од стандардот во ЕУ. Не трета економија во Европа, туку една третина“, рече Маја Серафимовска Борозан на денешната прес-конференција.
СДСМ предупредува на нови ударни поскапувања
Од партијата посочуваат дека од наредната година се најавуваат нови покачувања на струјата и парното и дека многу европски држави веќе преземаат мерки за заштита на граѓаните. Тие го критикуваат владинскиот став дека не ги вовел мерките што СДСМ ги предложила на почетокот на кризата.
„Околу 180.000 работници земаат плати помали од 31.200 денари месечно, минималната плата не мрда од 26 илјади денари. Арамијата Мицкоски го донесе народот до раб на преживување. Ја одби секоја мерка на СДСМ за помош на граѓаните. Одби 600 евра мининимална плата, ги одби мерките за заштита на животниот стандард. И во новиот ребаланс нема повисока минимална плата, нема 600 евра за работниците, нема мерки, нема помош за земјоделците. Има долгови, високи камати, а сметката ќе ја плаќаат граѓаните и идните генерации. За четири милијарди евра арамијата Мицкоски го зголеми долгот за само две години, колку половина од вкупниот долг во изминатите 30 години. Оваа сурова реалност е свесна одлука на арамијата Мицкоски – работниците да работат за малку пари, и да бидат сиромашни. Арамиски ја троши државнат каса. Трупа долг врз долг, и прави ребаланс на ребалансот- не за граѓаните, туку за криминални партиски тендери“, додаде Серафимовска Борозан.
СДСМ, исто така, повикува на итни мерки за зголемување на платите и поддршка за земјоделците, предупредувајќи дека според економските анализи земјава би ѝ требале околу 52 години за да го достигне просекот на Европската Унија во благосостојбата доколку не се сменат сегашните политики.
Фото: прес-материјал од настанот


