Мицкоски: Уставот нуди сериозна заштита, но треба да се реши прашањето за Македонците во Бугарија
Владата е подготвена за разговори со Бугарија, но тоа треба да се прави во рамки на јасно утврдени црвени линии и со посветеност кон правата на заедниците.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата е подготвена за разговори со Бугарија со цел надминување на отворените прашања, но нагласи дека тие разговори треба да се водат во рамките на јасно утврдени црвени линии. Коментарот го даде пред почетокот на Амбасадорскиот совет и се осврна на изјавата на бугарскиот премиер Румен Радев.
Дијалог, права и „црвени линии“
„Нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница. И тоа не го зборувам само јас, туку тоа го зборува и Советот на Европа, којшто ги третира човековите права и затоа и мониторинг и пост мониторинг мисијата ја прекина во земјава, што значи дека човековите права на сите заедници, на сите граѓани, се гарантирани со нашиот Устав“, рече Мицкоски.
Премиерот го отвори и прашањето за положбата на Македонците во Бугарија, посочувајќи дека, според него, Софија не ги почитува обврските што ги презела во однос на човековите права.
„И сега тука доаѓаме до втората тема, а тоа е што правиме со македонската заедница од другата страна на границата, имајќи предвид дека Бугарија има ратифицирано дека ќе ги почитува човековите права, а од друга страна континуирано избегнува да ги регистрира здруженијата на македонската заедница во Бугарија, како што е случајот со ОМО Илинден Пирин и покрај тоа што имаме дузина пресуди од страна на Судот за човекови права во Стразбур“, изјави премиерот.
„Партнери треба да разговараат партнерски искрено, а соседите исто така треба да разговараат и јас сум подготвен секогаш да разговарам на оваа тема“, додаде тој и нагласи дека досега не е иницирана директна средба со бугарската страна на кое било ниво.
Ако опозицијата побара, ќе се согласиме на предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски.
Фото: Христијан Мицкоски / официјална Фејсбук-страница