Мицкоски: Владата подготвува методологија за да не поскапи струјата
Мицкоски вели дека снабдувањето е стабилно, капацитетите се подготвени, а државните мерки го држат горивото поевтино споредено со соседите.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата подготвува методологија со цел да се спречи поскапувањето на електричната енергија за граѓаните, а ако е можно и да се намали нејзината цена, за време на посетата на Штип.
Одговарајќи на новинарски прашања за енергетската слика пред претстојната грејна сезона, Мицкоски оцени дека состојбата е стабилна и дека е обезбедено непречено снабдување за домаќинствата и за бизнис-секторот.
Капацитетите подготвени пред стартот на грејната сезона
Тој рече дека сите производствени капацитети се подготвени за почетокот на грејната сезона, кога и да започне таа, во зависност од временските услови, и нагласи дека Владата ќе преземе мерки за да цената на струјата остане иста или да се намали, и покрај глобалните предизвици и енергетската криза предизвикана од конфликтот во Арапскиот Залив.
Во однос на цените на горивата, Мицкоски повтори дека тие се и до половина евро поевтини по литар во споредба со Грција, Албанија и Србија, што, како што посочи, е главно благодарение на редуцираното ниво на акцизата.
„Се разбира дека и во моментот аплицираме мерки, а тоа е редуцираното ниво на акцизата, но во зависност од интензитетот на кризата, така ќе ги димензионираме мерките“, рече тој.
Премиерот посочи и економски параметри: буџетот е стабилен, инфлацијата се движи меѓу 2,3 и 2,6 проценти, економскиот раст во вториот квартал изнесува 4,3 отсто, извозот е во пораст, а во изминатиот период се отворени 17 000 нови работни места.
Фото: прес-материјал од настанот


