Почетна
Македонија

Мицкоски во ОН побара „пат уреден со правила“ за членство на Македонија во ЕУ

Во говорот пред Генералното собрание Мицкоски нагласи дека правилата мора да донесуваат предвидливост и еднаков третман за малите кандидати.

·Македонија
Мицкоски во ОН побара „пат уреден со правила“ за членство на Македонија во ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски во говорот пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк побара предвидлив и „пат уреден со правила“ за членството на Македонија во Европската Унија и повика ЕУ да ги почитува сопствените процедури кон земјите кандидати.

Мицкоски оцени дека процесот на евроинтеграција трае “надвор од секој разумен временски рок” и истакна дека помалите кандидати треба да имаат јасна предвидливост и еднаков третман за да се одржи довербата во процесот.

Потреба од доследна примена на правилата

„Ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право – нешто што многумина го земаат здраво за готово – доволно е да погледне во поновата историја на мојата земја. Донесовме навистина тешки одлуки. Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку што една генерација граѓани можеше разумно да очекува. Но токму затоа, гледајќи на тие одлуки со временска дистанца и со јасна свест за реалноста, денес можам одговорно да кажам дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска“, рече Мицкоски.

Тој повика ЕУ, која бара од помалите кандидатски земји да ги почитуваат правилата, и самата да ја почитува правилноста и предвидливоста на тие правила: „Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите. И преземената обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина.“

Мицкоски додаде дека граѓаните мора да видат доследна примена на правилата и да бидат сигурни дека направените компромиси нема да доведат само до нови барања за отстапки: „Од нашите граѓани бараме да веруваат во соработката, во добрососедските односи, во компромисот и во заемната почит. Не можеме да им велиме на луѓето ‘Верувајте им на правилата’, кога гледаат дека правилата не важат еднакво. Не можеме да ги убедиме дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање. И не можеме да очекуваме доверба во меѓународните институции ако граѓаните почнат да веруваат дека нивната судбина почесто ја одредува политичката тежина на нивната држава отколку силата на заеднички прифатениот принцип.“

Премиерот нагласи дека Европската Унија останува природниот политички, економски и институционален дом, но дека во земјата има работа во зајакнувањето на владеењето на правото, градењето поефикасни институции, поконкурентна економија и зголемување на довербата на граѓаните. Тој ги претстави трите главни стратешки определби: „Ние сме сојузник во НАТО. САД се наш стратешки партнер. Полноправното членство во ЕУ е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија.“

Мицкоски го цитираше и генералниот секретар на ОН, нагласувајќи ги зборовите за народите како основа на Повеќелбата: „Оваа година, генералниот секретар Антонио Гутереш нѐ потсети дека Повелбата започнува со зборовите: ‘Ние, народите’. И додаде: ‘Не ние, моќните. Не ние, победниците’. Во тие неколку зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во оваа Организација, дури и кога е разочарана од неа. Затоа што алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни. Тоа е свет во кој најсилните се најслободни. А сите други зависат од нивната добра волја. Таков свет можеби за миг може да изгледа ефикасен. Но, никогаш не е стабилен.“

Пред денешното обраќање пред Генералното собрание во Њујорк, Мицкоски и владината делегација имаа средби со други лидери, како и со членови на Конгресот и претставници на администрацијата на САД.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи