Миле Лефков поднесе пријава против Јон Фрчкоски
Лефков го повика Обвинителството да испита членови од Кривичниот законик по јавните обвинувања за дрога и алкохол.

Пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, во видео-обраќање на Фејсбук најави дека денеска по електронски пат поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на опозицискиот СДСМ, поради обвинувањата дека користел дрога и алкохол.
Размената на обвинувања меѓу двата политичари беше јавна и ескалираше во последните денови, откако Фрчкоски претходно го обвини Лефков и неговата партија за врски со лица што се занимаваат со трговија на дрога.
Лефков бара институциите да го истражат наводот
Во видеото Лефков ги наведува членови од Кривичниот законик кои според него треба да се испитаат и бара надлежните да утврдат дали постојат основи за гонење. Тој го претвори спорот од тема за социјалните мрежи во барање да интервенираат институциите.
„Со пријавата, барам да се испита евентуалното постоење на дејствија опфатени со членовите 215 и 216 од Кривичниот законик, како и дали постојат основи за примена на членот 364, непријавување кривично дело од тебе или од твои блиски. А за твоите клевети Јон. Категорично. Немам слабост ниту кон алкохол, ниту кон наркотици. Никогаш не сум користел наркотични средства и тоа е факт. А мојот најважен тест се моето семејство и моите пријатели. Ако мислиш дека сум направил кривично дело, повели, пријави ме“, рече Лефков.
Тој истакна дека постои суштинска разлика помеѓу нив во однос на преземањето одговорност за јавните изјави и постапки и го упати следниот апел:
„Јон, има суштинска разлика помеѓу мене и тебе. Јас за моите зборови и постапки стојам јавно и одговорно. И токму тоа очигледно ви пречи. Ти и оние малкумина кои застанавте околу Филипче се искршивте плукајќи и клеветејќи, мислејќи дека така ќе се вратите на власт и ќе продолжите да користите наркотици по канцеларии. Тоа нема да ви го дозволи народот Јон, не јас. А ти, од друга страна, со своите постапки самиот се компромитираш. И наместо да дадеш одговори, продолжуваш со истото. Си пробал? Те сликале. Тоа не се мои зборови. Тоа се твои зборови. Затоа, Јон, да знаеш, вистинскиот предизвик се институциите“, порача Лефков.
Во својот видеопост, пак, Фрчкоски упати директни обвинувања кон Лефков, тврдејќи дека тој има проблеми со алкохол и дрога и дека е време да се соочи со фактичките докази и тестови.
„Ако не се сеќаваш, мораш да го намалиш пиењето. Стар си бре и за други работи. Миле, сега на сите им е јасно, не само што имаш проблем со алкохолот, туку и со дрогата. Ај што имаш ти, туку веројатно и половина од вашата банда. Миле, нема бегање од вистината“, рече Фрчкоски.
Тој додаде: „Јас бев млад, згрешив, но тебе на твои години не ти доликува. А бидејќи ветив дека ќе одам со тебе, еве ветувам дека ќе одам сам. За да не биде дека само зборував, знаејќи дека ти не смееш бидејќи на тестот сè се гледа. Ти се јавувам наскоро, Миле, со резултатите, оние на кои ти не смееш да отидеш“, стои во неговото обраќање.
Фото: прес-материјал од настанот


